Германската полиција конфискувала над 100 килограми експлозивен материјал од куќа во местото Лаутерекен во покраината Рајна Палатинат во која живеело 18 годишно момче, јавуваат германските медиуми. Како што пренесува дописникот на МИА од Берлин службите за безбедност се сомневаат дека експлозивот требал да биде искористен за терористички напад.
За време на операцијата на Германската федерална криминалистичка полиција во која учествувале стотина полицајци и пожарникари и експерти за спасување, сите жители на околните куѓи биле евакуирани во блиското училиште а блокирани се и сите патишта во радиус од 100 метри.
Според изјава на неименуван полициски службеник експлозивот со помош на стручњаци на германската армија е пренесен на безбедно место.
Полицијата сеуште нема точни индиции дали осомничениот 18 годишен граѓанин заедно со уште едно лице на возраст од 24 години сакале да го постават експлозивот во Кајзерслаутерн. Двајцата се осомнничени за сериозни дела против државата а во своја одбрана тврдат дека собирале материјал за пиротехничка забава.
Полицијата засега исклучува нивна врска со некоја исламистичка организација но нема информации дали некои од двајцата осомничени се членови на некоја неонацистичка радикална група.