Франција ќе свика средба на земјите кои ја поддржуваат сириската умерена опозиција

Од:

Франција на почетокот од следниот месец во Париз ќе свика средба на западните и арапските земји, кои ја поддржуваат сириската умерена опозиција, изјави денеска францускиот министер за надворешни работи Жан-Марк Еро.

– Презедов иницијатива да ги соберам во Париз земјите пријатели на сириската демократија, на сириската демократска опозиција, односно Франција, Германија, Италија, Велика Британија, САД, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Јордан и Турција, истакна Еро.

Неговиот кабинет потврди дека средбата ќе биде на министерско ниво и ќе се одржи на почетокот од следниот месец.

– Апсолутно е неопходно меѓународната заедница да престане со игнорирање. Ситуацијата во Сирија е ужасна. Потребни се итни дејствија, нагласи шефот на француската дипломатија.