Европската унија го убеди Вашингтон да се откаже од голем дел од санкциите кон Русија и американскиот Конгрес се обврза дека ќе ги воведе само оние санкции околу кои ќе има согласност со европските сојузници, изјави претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер.
Тоа е можно и според компанијата составена од рускиот гигант Гаспром и европските фирми кои што го градат гасоводот Северен поток 2, од чие седиште во Швајцарија пристигна порака дека американските санкции кои би ги погодиле европските компании мора да бидат преиспитани од страна на Вашингтон и Брисел.
Според соопштението од ЕК, Јункер и натаму верува дека ЕУ и САД се сојузници, но дека во противно „Европа ќе мора да ги брани своите интереси во однос на САД и ние сме подготвени тоа да го направиме во рок од неколку дена“. Таков чекор ќе биде превземен, додава Јункер, доколку се покаже дека американските санкции специфично им нанесуваат штета на компаниите од ЕУ кои соработуваат со Русија во енергетскиот сектор.