Маж (38) почина најверојатно по напад од ајкула во близина на островот Ротнест, во близина на Перт и брегот на Западна Австралија, соопшти полицијата денес.
Според властите, мажот денес бил во близина на заливот Џорди околу 10 часот по локално време, кога се верува дека бил нападнат од ајкула, објави австралискиот портал 9news.
Полицијата на Западна Австралија соопшти дека службите за итна медицинска помош не можеле да го оживеат откако бил извлечен од водата и донесен на брегот.
Службата „Surf Life Saving Western Australia“ објави дека порано утрово, околу 10 часот, во близина на брегот била видена голема бела ајкула долга околу пет метри.
Островот Ротнест е популарна туристичка дестинација во близина на градот Перт и е познат како природен резерват со плажи и заштитено морско подрачје.
Локалните власти се известени за несреќата и е најавено дека ќе биде составен извештај, а идентитетот на жртвата сè уште не е објавен.
Во Австралија во последните години се случија голем број напади од ајкули, вклучувајќи фатални и сериозни повреди на повеќе локации по должината на брегот.
