Филмот „Беше само несреќа“ на иранскиот режисер Џафар Панахи ја освои Златната палма, главната награда на Канскиот филмски фестивал.
Панахи, кој неколку пати беше апсен поради својата режисерска работа, последен пат лично присуствуваше на фестивалот во 2003 година, кога неговиот филм „Crimson Gold“ беше прикажан во категоријата „Un Certain Regard“.
„Уметноста ја мобилизира креативната енергија на најскапоцениот, најживиот дел од нас. Тоа е моќта што ја трансформира темнината во прошка, надеж и нов живот“, рече претседателката на жирито Жулиет Бинош при објавувањето на наградата.
Гран при, второто највисоко признание по Златната палма, му беше доделено на филмот „Сентиментална вредност“ од режисерот Јоаким Трир.
На 78-от Кански филмски фестивал се натпреваруваа 22 филма, а меѓу нив беа и филмовите на познати режисери како Ричард Линклејтер, Вес Андерсон и браќата Дарден.