(ВИДЕО) Невреме го зафати Охрид

Од:

Ветер, грмотевици, град и дожд зафатија делови на Охрид. Спуштената температура и врнежите ги испразнија охридските плажи. Ваквото време според метеоролозите ќе се задржи и во следните неколку дена.

Невремето зафати и други градови низ државата. Според последните информации на Центарот за управување со кризи, од Крушево кон Прилеп се приближува поголема и значително нестабилна облачна маса така Прилеп и околината ќе бидат зафатени од невреме. Друга нестабилна облачна маса се приближува јужно од Кавадарци каде исто така ќе има појава на невреме.

Од ЦУК информираат дека облачните нестабилни маси и понатаму го задржуваат правецот на движење од запад кон исток. Во Лазарополе има невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град со големина од 2 сантиметри. Нестабилната облачна маса со правец на движење од запад кон исток во моментов се наоѓа над Кичево и околината. Од УХМР информираат дека попладне на повеќе места ќе биде нестабилно облачно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има појава на невреме со интензивен пороен дожд, силни електрични празнења, силен ветер и појава на град. Пороен дожд, грмежи и засилен ветер попладнево ќе има и во Скопската Котлина, а можно е и појава на краткотрајно невреме.

Утре врнежите ќе бидат поретки и ќе дува умерен до засилен северозападен ветер, па дневната температура во наредните денови повторно ќе биде малку под просекот за овој период од годината.