Во календарот на УНЕСКО во 2021-ва ќе биде запишана 100-годишнината од раѓањето на Конески

Од:

– Животот и делото на Конески се судбински врзани и со раѓањето на македонската државност, со што се исполни вековниот сон на редици и редици генерации кои го негуваа и учествуваа во остварувањето на тој сон во реалност. Конески ги поврза стремежите на неговите претходници, Рацин, Мисирков, Миладиновци и многу други преродбеници од 19 и 20 век, кои ја прифатија светлината на просветителската мисија на светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум, која тие им ја дарија на сите словенски народи во Европа, рече премиерот Зоран Заев на денешната посета на родната куќа на Блаже Конески во чест на 99-годишнината од неговото раѓање.

Посетата е и во пресрет на 100-годишнината која како настан за одбележување е запишан во календарот на УНЕСКО за 2021 година. Премиерот рече дека 2021 година ќе биде уште една глобална афирмација на македонскиот јазик, наука и култура и во таа насока, денеска Министерството за култура ја почна подготовката на програмата со која во национални и во меѓународни рамки ќе биде обележана оваа значајна годишнина во текот на целата идна година.

Блаже Конески ја проучи и разработи суштината на македонскиот јазик, нагласи премиерот, го насочи неговиот развој како современ литературен јазик сообразен со светски прифатените стандарди.

– Соочен со отпорот за признавањето на посебноста и на корените на македонскиот јазик, освен на научната сцена, Конески ги запиша најубавите стихови во слава на нашиот национален идентитет. Кога го чествуваме Конески не го чествуваме само неговиот придонес за македонскиот јазик. Ги чествуваме и неговото останато научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата, рече Заев, додавајќи дека богатството што го остави Конески засекогаш ќе ги исполнува со љубов и љубопитство, со постојан интерес за истражување сегашните и идните поколенија научници, поети, и најважно од сѐ, како што рече – искрените вљубеници во вистината и убавината.