ВИДЕО: Во Белград собир за поддршка на Русија

Од:

Стотици граѓани се собраа вечерва во центарот на Белград кај споменикот на Царот Николај Романов во знак на „поддршка на рускиот народ“, извикувајќи пораки за поддршка за Русија, која минатиот четврток започна воена инвазија на Украина, јави дописникот на МИА од Белград.

Собирот е организиран од повеќе десничарски организации, Народна патрола, Образ, под слоганот Русија и Србија се вечни браќа, а причината за собирот, според организаторите е „огромната медиумска хајка на западните медиуми кои со денови ја напаѓаат Русија и рускиот народ и притисок врз режимот во Србија за да не се воведат санкции кон Русија“.

На учесниците на протестот им се обратија претставници на екстремно десничарските организации – Дамњан Кнежевиќ од Народната патрола и Младен Обрадовиќ од Образ.

Кнежевиќ испрати порака до Си-Ен-Ен, Би-Би-Си и РТС дека „русофобијата во Србија е статистичка грешка“ и дека „на секој Србин, Русинот му е брат“.

Демонстрантите порачаа дека доколку Србија воведе санкции кон Русија по изборите, двојно повеќе луѓе ќе излезат на улица отколку вечерва.

Насобраните имаа порака и за актуелниот режим во Србија, за кој велат дека ќе си ги скрши забите за санкциите против Белорусија и гласањето против Русија во Обединетите нации.

Тие, исто така, на мнозинската опозиција и на невладиниот сектор им порачаа дека русофобијата е статистичка грешка во Србија.

Андреј Родионов, основачот и лидер на Меѓународното движење „РУСОВ“, претходно на социјалните мрежи, покрај активистите на Народната патрола, ги повика граѓаните на Србија да дојдат на митингот во знак на поддршка.

Извор: МИА