ВИДЕО: Јапонска компанија го направи првиот успешен тест на летечки автомобил

Од:

Компанијата „Sky Drive“ во соопштение до јавноста информираше дека во развојна база на автомобилската компанија Тојота била направена успешна демонстрација на летечки автомобил контролиран од човек кој се наоѓал во кабината.

Автомобилот, наречен „СД-03“, полета и кружеше околу базата околу четири минути.

„Исклучително сме возбудени што успеавме да го спроведеме првиот лет на овој автомобил во последните две години откако ја основавме компанијата „Sky Drivе“, а се со цел да го комерцијализираме нашиот продукт“, рече извршниот директор Томохиро Фукузава.

Директорот задолжен за дизајн на овој автомобил, Такуми Јамамот изјави: „Сакавме ова возило да биде футуристичко, харизматично и пожелно за сите идни клиенти, притоа целосно инкорпорирајќи ја високата технологија на „SkyDrive“. Ние сакаме да направиме општество каде летечките автомобили ќе бидат достапни и прикладни средства за превоз на луѓето кои сакаат безбеден и удобен нов начин на живот. СД-03 е најмалото електрично возило со вертикално полетување и слетување во светот и зафаќа простор на два паркирани автомобили“, додаде тој.

Од јапонската компанија информираат дека летечкиот автомобил има вкупно осум мотори со цел да обезбеди „безбедност во итни ситуации“.

Успехот на овој лет значи дека автомобилот ќе биде тестиран надвор од базата на Тојота до крајот на годината, досега не е објавена негова цена, пренесе Си-Ен-Ен.

Електричното летало со вертикално полетување и слетување (eVTOL) е дизајнирано да стане ново револуционерно превозно средство во иднина.

Од јапонската компанија велат дека нивната цел ќе биде да го достигнат второто ниво од веќе предвидениот експеримент за околу три години.