Американските избори за Конгрес на 3 ноември би можеле да го сменат односот на силите во Вашингтон и да го одредат текот на преостанатите две години од вториот претседателски мандат на Доналд Трамп. Анкетите најавуваат можност за голем успех на демократите, додека растот на цените, војната со Иран и незадоволството кај дел од републиканските гласачи дополнително ја отежнуваат позицијата на владејачката партија.
Трамп ги повика граѓаните да гласаат како тој самиот да е кандидат, претворајќи ги конгресните избори во своевидно изјаснување за неговата политика. Демократите, пак, во завршницата на кампањата повторно го ангажираа поранешниот претседател Барак Обама, кој треба да помогне во мобилизацијата на гласачите.
Трамп одржа десетици предизборни митинзи низ земјата, убеден дека повторно може да ги демантира прогнозите и да им помогне на републиканците да ја задржат контролата врз Конгресот. Во настапите зборуваше за имиграцијата, економијата и безбедноста, но вниманието често го насочуваше и кон споредни теми, од уредувањето на Белата куќа до лични коментари за политичките сојузници и противници.
Сепак, еден краток повик што го упати летово на републиканската конвенција во Далас може да ја одреди судбината на партијата.
„Замислете дека и јас сум на гласачкото ливче“, им порача тогаш на поддржувачите.
Историјата покажува дека партијата на актуелниот претседател најчесто губи поддршка на изборите што се одржуваат на половина од неговиот мандат. Бил Клинтон во 1994 година загуби 54 места во Претставничкиот дом, Барак Обама во 2010 година дури 63, а Доналд Трамп во текот на првиот мандат, во 2018 година, остана без 40 републикански места.
Според истражувањата на јавното мислење, Трамп сега се соочува со најниска поддршка за еден американски претседател пред вакви избори уште од времето на Хари Труман. Демократската партија на Труман на изборите во 1946 година загуби 55 места во Претставничкиот дом и 12 во Сенатот. Републиканците тогаш, во услови на повоена инфлација и бран штрајкови, ја презедоа контролата врз двата дома на Конгресот, првпат по 16 години.
Хаким Џефрис, кој во случај на победа на демократите најверојатно би станал првиот Афроамериканец на чело на Претставничкиот дом, најави истраги за корупција во администрацијата, одлуките поврзани со војната со Иран и начините на кои семејството на Трамп го зголемило своето богатство.
Републиканците влегуваат во изборите со многу мала предност во Претставничкиот дом, каде што односот на силите е 218 спрема 214 места. Во Сенатот имаат мнозинство од 53 спрема 47 сенатори.
Анкетите покажуваат дека демократите имаат сè поголеми шанси да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом. За тоа треба да освојат четири места повеќе од сегашниот број.
Според истражувањето на Ројтерс и Ипсос, демократите имаат предност од 11 процентни поени во определбата на гласачите за изборите за Конгресот – 47 наспроти 36 отсто. Поддршката за работата на Трамп падна на 32 отсто.
Покрај претставниците во двата дома на Конгресот, граѓаните ќе избираат и гувернери во 36 сојузни држави и три американски територии, како и илјадници претставници во законодавните тела на сојузните држави.
Десетици милиони Американци веќе гласаa предвреме. Во некои сојузни држави важни за конечниот исход е забележана поголема активност на демократските отколку на републиканските гласачи.
Загриженоста кај републиканците се гледа и во распределбата на парите за кампањата. Конзервативните политички одбори што ги поддржува милијардерот Илон Маск, кој вложи 366 милиони долари за помош на републиканските кандидати, морале да насочат дополнителни средства и кон традиционалните упоришта на партијата, како Канзас, Ајова и Тексас.
Коалицијата на гласачи што му овозможи на Трамп во 2024 година да се врати во Белата куќа во меѓувреме ослабе поради низа политички и економски проблеми. Меѓу нив се необјавувањето на целосната документација поврзана со Џефри Епстин, ширењето големи центри за обработка на податоци во руралните средини, растот на цените на горивата и храната, како и војната со Иран.
Дополнителен проблем за претседателот е тоа што во кампањата во 2024 година вети намалување на инфлацијата и пониски трошоци за живот, додека голем број Американци сега се соочуваат со спротивни економски движења.
Според оцените на аналитичарите, два потега на администрацијата на Трамп особено влијаеле врз трошоците за живот – воведувањето високи царини за увезената стока и одлуката во февруари да започне воздушни напади врз Иран, кои прераснаа во поширок конфликт.
Последиците од војната се чувствуваат на светскиот енергетски пазар. Поскапувањето на дизелот ги погоди американското земјоделство и товарниот сообраќај, од Калифорнија до големите земјоделски области во Ајова и Охајо.
Критиките кон администрацијата на Трамп не се однесуваат само на економската политика. Опозицијата укажува и на можен судир на јавниот и приватниот интерес, тврдејќи дека американскиот претседател ја користи функцијата за зголемување на сопственото богатство и имотот на семејството.
Трамп прифати авион од Катар за потребите на претседателскиот транспорт, го преуреди Овалниот кабинет со раскошни златни украси, го урна источното крило на Белата куќа за изградба на свечена сала вредна 400 милиони долари и најави изградба на триумфална капија во Вашингтон.
Во исто време, според податоците на „Форбс“, неговото лично богатство пораснало од 2,3 милијарди долари во 2024 година на 6,5 милијарди долари.
Додека републиканците се обидуваат да го одбранат мнозинството, демократите во завршницата на кампањата ангажираа еден од своите најпрепознатливи политичари – поранешниот претседател Барак Обама.
Иако ја напушти Белата куќа пред речиси десет години, Обама и натаму има способност да привлече голем број поддржувачи и да ги мобилизира гласачите, особено младите и Афроамериканците.
На митинг во предградие на Атланта, во Џорџија, присутните повторно го скандираа слоганот „Да, ние можеме!“, кој ја одбележа победничката претседателска кампања на Обама во 2008 година.
Во серија говори, поранешниот претседател остро ги критикуваше авторитарните тенденции на Трамп, неговата надворешна политика и војната на Блискиот Исток.
„Овие избори се нашата последна и најдобра можност барем делумно да го ограничиме, да запреме дел од бесмислените потези на оваа администрација. Тоа е механизмот со кој системот може да ја прекине ваквата политика и мора да го активираме“, порача Обама во Џорџија.
За разлика од Трамп, кој со недели одржуваше митинзи во републиканските упоришта, Обама во поголемиот дел од кампањата беше воздржан, оставајќи простор новата генерација демократски кандидати да го изгради сопствениот политички идентитет. Поинтензивно се вклучи дури во завршницата, користејќи ја својата популарност за да им помогне на кандидатите во неизвесните изборни трки.
Неговото враќање во кампањата има и пошироко политичко значење, бидејќи Демократската партија во последните години се соочува со внатрешни разлики меѓу умереното крило и сè повлијателните прогресивни движења.
На митинг во Детроит, Обама му даде поддршка на Абдул ел Сајед, демократски кандидат за Сенатот во Мичиген, иако Ел Сајед претходно критикуваше некои одлуки на неговата администрација.
Поранешниот претседател не се обиде да ги сокрие разликите, туку ги претвори во шега.
„Да, Абдул не се согласуваше со некои работи што сакавме да ги направиме, односно што ги правеше нашата администрација додека бев претседател. Знаете кој друг не се согласува со сè што правам? Мишел Обама“, рече тој, предизвикувајќи смеа кај присутните.
Настапот се оценува како обид да се премости јазот меѓу старата и новата Демократска партија.
Меѓу помладите активисти, кои политички созреваа за време на претседателските кампањи на Берни Сандерс и подемот на Демократските социјалисти на Америка, наследството на Обама и натаму е предмет на дебата. Неговите критичари потсетуваат дека во 2008 година дојде на власт со ветувања за надеж и промени, но дека многу од нив не беа исполнети.
Други претставници на прогресивното крило, пак, во ангажманот на Обама гледаат потврда дека Демократската партија се променила.
Од 2016 година, Демократските социјалисти на Америка го зголемиле членството од околу 6.000 на повеќе од 130.000 членови, а нивното политичко влијание пораснало и по победата на Зохран Мамдани на изборите за градоначалник на Њујорк.
Еден од најголемите проблеми за републиканците е падот на поддршката меѓу гласачите со латиноамериканско потекло.
Трамп во 2024 година оствари значителен успех меѓу мажите од оваа заедница, што во Републиканската партија беше протолкувано како доказ за создавање нова, трајна коалиција на работнички и етнички разновидни гласачи.
Но, по враќањето во Белата куќа, тој започна остра политика на депортации, со чести акции на вооружени припадници на имиграциските служби во градовите и земјоделските области.
Посебно внимание е насочено кон Тексас, каде што демократите од 1994 година не победиле на избори за ниту една функција што се избира на ниво на целата сојузна држава.
Демократскиот кандидат за Сенатот Џејмс Таларико, поранешен наставник во државно училиште и пратеник во законодавното тело на Тексас, се натпреварува со републиканскиот државен обвинител Кен Пакстон, близок сојузник на Трамп.
Пакстон со години се соочува со обвинувања за корупција и лични афери, а и покрај големите вложувања на републиканските донатори, меѓу кои и Маск, според повеќето анкети Таларико има мала предност.
Иако демократите имаат добри изгледи да го освојат мнозинството во Претставничкиот дом, борбата за контрола врз Сенатот е многу понеизвесна. Незадоволството од политиката на Трамп ја прошири изборната битка и во сојузни држави во кои тој во 2024 година победи со убедлива разлика.
Во Охајо, поранешниот демократски сенатор Шерод Браун се обидува да се врати во Сенатот, спротивставувајќи му се на актуелниот републикански сенатор Џон Хастед. Браун, познат по блиските врски со синдикатите, се обидува да го искористи незадоволството на работниците поради растот на цените на горивата, затворањето фабрики и ширењето на центрите за обработка на податоци.
Во Мичиген, републиканецот Мајк Роџерс се натпреварува со демократот Абдул ел Сајед, лекар и поранешен директор на здравствената служба во Детроит, кој во случај на победа би станал првиот муслиман во американскиот Сенат. Ел Сајед е изложен на напади поради неговите претходни ставови за надворешната политика, додека организации што го поддржуваат Израел вложиле милиони долари во кампањата против него. Трамп го нарече „џихадист“, поради што поддршката од Обама има и посебна политичка тежина.
Во Мејн, долгогодишната републиканска сенаторка Сузан Колинс се бори за нов мандат против демократот Трој Џексон, поранешен дрвосечач и претседател на Сенатот на оваа сојузна држава. Колинс се обидува да се дистанцира од Трамп, но демократите ја критикуваат поради поддршката за конзервативните судии на Врховниот суд и други клучни потези на републиканската администрација.
На Алјаска, демократката Мери Пелтола се обидува да го победи републиканскиот сенатор Ден Саливан. Изборната трка ја следи и правен спор по обидот на Министерството за правда да го спречи потврдувањето на евентуалната победа на Пелтола.
Според медиумски извештаи, нејзините сојузници помогнале во трката да влезе уште еден кандидат со името Ден Саливан, со цел да ги збунат гласачите, но нејзиниот изборен штаб негира вмешаност.
Доколку демократите освојат мнозинство во едниот или во двата дома на Конгресот, можноста на Трамп да ја спроведува својата законодавна програма значително ќе биде ограничена.
Во тој случај, Трамп повеќе ќе мора да се потпира на извршни наредби, додека демократите ќе добијат можност да покренат низа парламентарни истраги.
Изборите на 3 ноември истовремено ќе го означат и почетокот на политичката борба за претседателските избори во 2028 година.
Во Републиканската партија, потпретседателот Џеј Ди Венс засега се смета за најизгледен наследник на политичкото движење на Трамп, но како потенцијални кандидати се споменуваат и сенаторот од Тексас Тед Круз и државниот секретар Марко Рубио.
Ниту демократите немаат јасно определен наследник кој би ја предводел партијата во новата претседателска трка. Меѓу потенцијалните кандидати се споменуваат гувернерот на Калифорнија во заминување Гевин Њусом, сенаторот од Џорџија Џон Ософ, конгресменката Александрија Окасио-Кортез, но и поранешната потпретседателка Камала Харис, која ги загуби претседателските избори во 2024 година.
Трамп се обидува да ги убеди поддржувачите дека неговата популарност и овојпат ќе им донесе победа на републиканците. Сепак, токму неговата одлука да се стави себеси во центарот на изборната кампања може да се покаже како најголем политички ризик.
За демократите, изборите се можност да ја вратат контролата врз Конгресот и да ја ограничат моќта на претседателот, но и тест дали незадоволството од Трамп можат да го претворат во долгорочна политичка поддршка.
За републиканците, влогот е двоен – зачувување на мнозинството во Вашингтон и одговор на прашањето дали партијата може да ја задржи широката коалиција гласачи што Трамп ја обедини во 2024 година.
Дали Америка ќе доживее само „син бран“ или многу убедлива победа на демократите, ќе покажат резултатите од гласањето. Но, веќе е јасно дека одлуката на гласачите ќе има последици многу пошироки од составот на новиот Конгрес и во голема мера ќе ја одреди политичката битка за Белата куќа во 2028 година.
