ВИДЕО: Франција забрани алкохол поради жештините, низ Европа се уриваат рекорди

Од:

Француските власти воведоа привремена забрана за консумирање и продажба на алкохол на јавни места во Париз, со цел да се намали притисокот врз болниците за време на екстремниот топлотен бран.

На жителите и посетителите на Париз ќе им биде забрането да консумираат алкохол на јавни површини од пладне во петок до 7 часот наутро во сабота. Истата мерка ќе важи и од сабота до недела во истиот временски период.

Францускиот премиер Себастиен Лекорну соопшти дека нивото на здравствена тревога е подигнато на највисоко ниво, со цел да се ангажира дополнителен болнички персонал и да се заштитат најранливите категории граѓани.

Воедно, забраната за продажба на алкохол „за носење“ ќе важи од 18 часот во петок до 7 часот во сабота, како и во истиот термин од сабота до недела. Ограничувањата не се однесуваат на баровите и рестораните кои имаат дозвола за точење алкохол.

По неколкудневните рекордно високи температури, француските власти ги повикаа граѓаните да го приспособат своето однесување на екстремните временски услови. Министерката за здравство Стефани Рист предупреди дека високите температури претставуваат сериозен ризик не само за постарите лица, туку и за младите.

Топлотниот бран, кој изминатите денови ги зафати Шпанија, Велика Британија и Франција, се движи кон исток. Метеоролозите во Германија и Чешка предупредуваат на екстремни временски услови, додека во Виена за време на викендот се очекуваат температури до 40 степени Целзиусови.

Во Холандија, црвен аларм поради горештините стапува во сила во осум од 12-те покраини, а во источните делови на земјата се очекуваат температури до 39 степени.

Британската метеоролошка служба го продолжи црвеното предупредување за екстремни температури до петок навечер за делови од Лондон и југоисточна Англија.

Во Италија, музејот „Уфици“ во Фиренца ја суспендираше продажбата на билети до 28 јуни. Влез ќе биде дозволен само за посетители кои претходно резервирале билет.