Седум фемициди, осум закони предвидени за измени, но ниту една законска измена досега не е усвоена. Мрежата за заштита од дискриминација бара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и конкретни рокови за донесување на законските измени за подобра заштита од насилство врз жените.
Од Мрежата потсетуваат дека по убиствата на Ивана и Катја, во март годинава беше формирана работна група за подготовка на измени на осум закони со цел подобрување на системот за спречување и заштита од насилство врз жените.
Осум месеци подоцна, измените на само еден закон се доставени до Собранието, но сè уште не се усвоени, посочуваат од организацијата.
Во рамки на кампањата „Ѕид на срамот“, Мрежата јавно го прашува Тошковски какви резултати има од работата на работната група и што презел за усвојување на законските измени во чија подготовка и самиот учествувал.
Од таму прашуваат и како ќе се обезбеди ефикасна заштита на жените и девојките доколку не се препознаваат и именуваат сите форми на родово базирано насилство.
„Формирањето работни групи не е резултат само по себе“, наведуваат од Мрежата, од каде бараат предложените законски измени да бидат усвоени до 10 декември.
Дополнително, бараат јавно објавување конкретни рокови за подготовка и доставување до Собранието на измените на преостанатите седум закони.
„Бараме рокови и одговорност, а не нови ветувања“, порачуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.
