Што донесе последниот ден на Моден Викенд Скопје

Од:

Тридневното модно патување на 26. издание на Моден Викенд Скопје, заврши синоќа во East Gate Mall со “The Bridal Fashion Night”.

Последениот ден од настанот беше “The Bridal Fashion Night” кој беше кулминација на најновите трендови и дизајни во невестинската мода, програма која не ги разочара присутните.

Ревиите на пистата беа спектакуларен приказ на креативноста на дизајнерите кои ги покажаа своите најавангардни дизајни, со неочекувани силуети и комплицирани детали. Ревиите кај невестинската мода се убав миг, во кој моделите избрани на кастинзите чекорејќи по пистата, ги оживуваат дизајните.

Серијата ревии ја отвори Наташа Карчева и нејзиниот бренд, кој е синоним за детали и рачна изработка од најфини материјали. Од деликатни до авангардни силуети на оваа колекција, се гледа уникатната визија на дизајнерката која остава големи импресии.

Потоа следуваше ревијата на бренд за ексклузивен италијански накит кој повторно изнуди воздишки со новата луксузна колекција за претстојната сезона. Оваа ревија, преку несекојдневен моден перформанс ги претстави новите трендови во кои идните невести со префинет вкус за аксесоари, несомнено ќе се вљубат на прв поглед во раскошниот сет ланчиња, обетки и прстени во кои моделите продефилираа на пистата, затоа што му даваат посебно благородна нота на целокупниот изглед за големиот ден.

Големото финале беше оставено за Јагода Пачемска, дамата од арт-студиото за цвеќе, која изработува несекојдневни фустани од свежо цвеќе. Ова се креации кои го одземаат здивот, а Пачемска секогаш инспирирана од убавината која ја дава природата преку цветови и зеленило, како и нежноста која тие ја имаат открива креации за кои не сте ни сонувале. Фустаните од цветови се иновација, која е нова димензија во модниот дизајн. Ова се и еко френдли креации, зошто цветовите од вашиот фустан можат да се компостираат по нивната употреба.

Модниот Викенд Скопје е познат по можноста покрај ревијите на пистата, присутните да имаат можност да комуницираат со дизајнерите. Многу од дизајнерите ја споделија својата инспирација и креативен процес, давајќи им на присутните уникатен увид во светот на невестинската мода.

Моден Викенд Скопје и со ова 26. свое издание, беше прослава на креативноста, стилот и иновативноста во модната индустрија, со одличен одзив кај публиката.

Покрај низата модни ревии, изложби и работилници, прикажувајќи ги најновите трендови и стилови и од етаблираните и од новите дизајнери, присутните имаа можност да се сретнат и да комуницираат со дизајнери, експерти во светот на модата, блогери, модели и инсајдери во индустријата, како и да научат повеќе за светот на модата и дизајнот низ различните аспекти на креативниот процес.

Модните ревии беа врв на настанот, со прекрасни колекции од врвни дизајнери и брендови. Од авангардна мода до шик подготвен за носење, ревиите понудија разновидна палета на стилови и естетика што им се допадна на модните ентузијасти, а и на искусната стручна публика. Дизајнерите ги покажаа своите колекции на пистата, а присутните можеа одблиску да ги погледнат ткаенините, боите и текстурите на облеката.

Би можело да ве интересира

Модна ревија за децата со посебни потреби во Струмица

Ана Ололовска