По седумчасовните преговори на пратениците, тие не успеале договорот на политичките лидери да го поминат низ собраниските филтри. Несогласувањата, како што дознава „А1он“ биле во делот на законот за финансирање на политички партии, односно во делот на казните, каде што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, сакале да вметнат одредби од Кривичниот законик, со што казните затвор се заменуваат со парични казни.
Според нашите извори од Собранието, намалувањето на казните ќе биде индиректна амнестија за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ за кои се водат постапки.
Специјалното јавно обвинителство има отворено случај за злоупотреби со финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Иако беше најавувано дека вечерва ќе биде избрана новата Државна изборна комисија, а претседателот на Собранието Џафери тоа го потврди за „Макфакс“ и „А1он“ сепак во ставовите околу законските решенија имало големи несогласувања.
Според договореното на денешната лидерска средба, законот за Влада, треба да биде изменет, по пржинскиот модел, заедно со законот за финансирање на политички партии.
Кристијан Ландов
