Министерката за образование и наука, Весна Јаневска истакна дека очекува студентите да го прифатат договорот што се подготвува за студентскиот субвенциониран оброк, оценувајќи дека решението ќе биде на задоволство и на студентите и на институциите.
Одговарајќи на новинарско прашање при посетата на студентскиот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда, Јаневска изјави дека начелно е постигнат договор.
-Начелно мислам дека имаме договор. Очекувам одговор од студентите, но не се сомневам дека ќе го прифатат тој договор и дека на задоволство и нивно и наше, повторно оваа Влада ќе биде со студентите – рече Јаневска.

Таа додаде дека Владата останува посветена на младите и на подобрувањето на нивниот стандард.
-Ние се посветуваме на младите и кога јас кажувам дека во нив ја гледам иднината на оваа земја, не е тоа флоскула. Тие препознаваат дека тоа јас искрено го мислам и искрено им го порачувам – истакна министерката.
На прашањето околу висината на студентскиот субвенциониран оброк, Јаневска упати на вчерашните изјави на премиерот.
-Вчера премиерот многу убаво објасни, сите ја пренесовте изјавата, гледам дека беше актуелна, мислам дека веќе никакви дилеми понатаму немаме – изјави министерката Јаневска.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на пратеничко прашање информира дека предлогот што Владата им го презентирала на претставниците на студентските парламенти на сите универзитети е покачување на субвенционираниот студентски оброк од сегашните 3.500 на 4.500 денари месечно, можност за дополнителни попусти при купување храна и воведување посебна дигитална услуга преку апликацијата „М.услуги“.
