Мицкоски очекува идната недела дефинирање датум за изборите

Од:

Очекувам следната недела да има сериозен напредок на дефинирање на деталите за изборниот процес и дефинирање на датум за следните избори, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешниот престој со теренски активности на партијата во Прилеп.

-Треба што поскоро да заврши дискусијата околу техничките препораки и измени во Изборниот законик кои се дел од препораките на ОБСЕ и ОДИХР, бидејќи доцниме и сме влезени во фазата шест месеци пред избори. Мислам дека следната недела ќе има сериозен напредок на таа тема. Очекувам и дефинирање на дата за изборите. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен – парламентарните и претседателските избори треба да бидат заедно во почетокот на мај и да не ги трошиме дополнително парите на граѓаните, изјави Мицкоски.

Нагласи дека сега работат на терен и на воспоставувањето „коалиција“ со граѓаните за да се слушнат нивните барања и потреби и додаде дека не е отворено прашањето за коалицирање со други политички субјекти.