Шеесетгодишен жител од Струга е пријавен за исчезнат во реонот на селото Брчево, информира Планинската спасителна служба (ПСС) при Црвен крст Охрид.
Според информацијата, нивна три члена екипа и водич на куче за пребарување од здружението „Куче спасител“ од Охрид, во координација со Струшката полиција, од утрово се на терен во обид да се лоцира исчезнатото лице.
– Вчера доцна попладне во 18 часот и 38 минути оперативниот центар на Планинската спасителна служба беше алармиран од МВР секторот за потраги по исчезнати лица, дека во реонот на село Брчево, исчезнат е жител на Струга (60 годишна возраст), со потекло од селото, кој претходниот ден се упатил да собира шумски плодови и до 16 часот и 30 минути (според соседите од селото) не се вратил во својата викенд куќа, соопшти Планинската спасителна служба.