Десетти состанок на претседателите на парламентите на земјите од ЈИЕ, усвоена и заедничка изјава

Од:

Во организација на Собранието на Република Унгарија, денеска се одржа Десеттиот состанок на претседатели на парламенти на земјите од Југоисточна Европа посветен на проширувањето. На состанокот учествуваа претседателите на парламентите на земјите од Југоисточна Европа и на земјите од Вишеградската група.

На Конференцијата излагања имаа премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеј и претседателот на Собранието на Унгарија, Ласло Ковер.

-Премиерот Орбан ја посочи важноста на културната поврзаност и меморија на Унгарија со земјите од Балканот и меѓусебните врски кои се градени со децении. Според него, Балканот е портата на Европа, која претставува нераскинлив дел од европската куќа и од тие причини секое одложување на процесот на интеграција ќе претставува голема геостратешка грешка за Европа, соопшти собраниската прес-служба.

Комесарот Вархеј јасно ја искажа недвосмислената поддршка на земјите од Вишеградската група за интеграција на земјите од Југоисточна Европа во Европската унија, која што не е само економска, социјална и историска, туку и политичка реалност.

-Одржувањето на претстојниот самит на земјите од Западен Балкан и земјите членки на Европската унија е повеќе од потребно во овој момент и преземање конкретни чекори за иднината на овие земји, нагласи Вархеј.

Во рамките на состанокот свои обраќања имаа претседателите на парламентите од Југоисточна Европа, вклучително и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери.

На крајот од состанокот, како што информира собраниската прес-служба, била усвоена заедничка изјава во која претседателите ја потврдија повторно својата заложба за проширување на Европската унија и за забрзување на процесот на интеграција заснован на систем на заслуги, отворање на процесот на преговори без понатамошни одложувања и забрзување на започнатиот процес на преговори.

-Учесниците ја поздравија новата методологија на проширувањето чија цел е подинамичен, покредибилен и попредвидлив пристапен процес и заложбите за надминување на отворените прашања преку дијалог. Од нивна страна, беше побарано вклучување на земјите од Југоисточна Европа во Конференцијата за иднината на Европа, како и поголема солидарност за справување со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 во земјите од Југоисточна Европа и поддршка на европските институции, се вели во соопштението од собраниската прес-служба.

Изјавата, како што информираат од Собранието, ќе биде испратена до националните парламенти на земјите членки на Европската унија и до лидерите на европските институции