Биле потребни 50 години да се заврши: Капелата Свети Џорџ во Виндзор последното почивалиште на Кралицата

Од:

Кралицата Елизабета Втора ќе биде погребана во капелата Свети Џорџ заедно со нејзиниот сопруг принцот Филип, во нејзиниот сакан замок Виндзор.

Историската капела е последното почивалиште за многу од најголемите англиски монарси.

Историја на капелата

Објектот го започнал кралот Едвард Четврти во 1475 година – биле потребни 50 години да се заврши и капелата конечно ја завршил кралот Хенри Осми, кој имал длабока наклонетост кон Виндзор.

Тоа е дом на Редот на Жартиерата и витезите и дамите на жартиерата имаат свои седишта во капелата, означени со натписи, закачени на таванот. Знамето Кралски стандард виси над седиштето на кралицата од почетокот на нејзиното владеење. Тоа е истото седиште на кое Хенри Осми се поклонувал пред 500 години.

Мечот на Едвард Трети се чува во капелата Свети Џорџ – тој живеел во замокот Виндзор во четиринаесеттиот век и токму овој крал на Англија го прогласил Свети Џорџ за заштитник на кралското семејство. Неговиот меч бил меѓу предметите спасени од капелата за време на окупацијата на парламентаристите, познати како Тркалезни глави во Англиската граѓанска војна во 1600-тите, кога капелата била многу оштетена.

Висок 11 метри и широк речиси девет метри, Западниот прозорец е еден од најголемите во Англија. Стар е повеќе од 500 години, но повторно бил изграден во 1842 година. Хенри Осми го изградил прозорецот над презвитериумот за да може неговата прва сопруга, Катерина од Арагон, да се моли во капелата.

Каде ќе биде погребана кралицата

Внатре во капелата, на северната страна, се наоѓа Спомен капелата Џорџ Шести. Тука е погребан таткото на кралицата, заедно со нејзината мајка и нејзината сестра Маргарет, која беше кремирана затоа што инаку немаше да има место.

Ковчегот на принцот Филип, кој моментално се наоѓа во Кралскиот свод, ќе биде преместен во меморијалната капела за да може двојката да почива заедно.

Погребна церемонија

Откако ковчегот на кралицата ќе пристигне во Виндзор, погребната кола во поворка ќе пристигне до капелата Свети Џорџ преку Долгата прошетка.

Потоа ќе се богослужба во капелата Свети Џорџ која ќе биде пренесувана на телевизија.

Подоцна во вечерните часови ќе има приватна погребна служба со членови на кралското семејство.

Во текот на богослужбата ќе се одржуваат различни церемонијални традиции кои го симболизираат крајот на владеењето на кралицата, додека таа за последен пат се разделува од својата круна.

Кој друг е погребан во капелата?

Кралот Хенри Осми е погребан под презвитериумот, со неговата сопруга Џејн Сејмур. Тој имал планови за многу поголема гробница, но умрел пред да биде изградена. Тука е погребан и Чарлс Први – неговиот погреб беше таен по неговото обезглавување. Во оваа гробница се наоѓа и телото на детето на кралицата Ана.

Во кралскиот свод се гробниците на Џорџ Трети, како и на таткото на кралицата Викторија, принцот Едвард. Тука се погребани и Џорџ Четврти и Вилијам Четврти, и последниот крал на Хановер, Џорџ Петти.

Бабата и дедото на кралицата, кралот Џорџ Петти и кралицата Мери, се погребани во близина на Западната врата.

Хенри Шести, единствениот англиски монарх кој исто така бил крунисан за крал на Франција, умрел додека бил затворен во Лондонската кула во 1471 година и бил погребан во опатијата Чертси пред подоцна да биде преместен во капелата.

Кралот Едвард Четврти, кој ја почнал изградбата на капелата, бил погребан таму во 1483 година по бурните години на Војната на розите.

Во близина на олтарот е ковчегот на Едвард Седми, како и ковчезите на две неидентификувани мали деца, за кои се шпекулира дека се на Принцовите во кулата.

Главни настани во капелата во последните години

Во капелата се случија голем број историски настани, а последниот беше погребот на принцот Филип минатата година.

За време на богослужбата, кралицата мораше да седи сама додека се збогуваше со својот сопруг поради ограничувањата за коронавирусот.

Во една посреќна прилика во 2018 година, во капелата се венчаа принцот Хари и Меган Маркл.

Таму се венчаа и принцезата Евгенија и Џек Бруксбанк, со големо внимание посветено на фустанот на невестата кој имаше низок грб за да се покаже лузната од операцијата што таа ја имаше на возраст од 12 за корекција на сколиозата.

Меѓу другите свадби што се одржале таму е и онаа на Питер Филипс (син на принцезата Ана) и Отом Кели, како и на принцот Едвард и Софи Рис-Џонс, сега Ерл и грофица од Весекс.

Извор: МИА