Адвокатот на Клементина: Бараме ослободителна пресуда, таа е жртва на Денис Тот

Од:

Ослободителна пресуда побараа адвокатите на Клементина Лефковска. Пред судот, тие кажаа дека не се докажало дека таа му ги задала ударите кои предизвикале смрт кај Денис Тот. Бојан Василески, адвокат на Клементина, кажа дека неговата клиентка била жртва на Тот, бидејќи ја малтретирал. Според него, Клементина се бранела од навредливи зборови кои ги упатил Тот.

„Со дејствијата на Клементина не се исполнети битијата за кривичното дело убиство, а судот треба да ја ослободи обвинетата од обвинение“, кажа Василески пред судот.

Според него, од доказите не се докажува дека ударите на Клементина се клучни за Денис Тот да почине по претепувањето.

„Не произлезе дека Клементина имала намера да го убие Тот, не постоела причина или мотив да го убие. Во нејзината свест немало волја да ја посакува смртта на сега починатиот туку сакала да се одбрани по неговото повеќечасовно малтретирање. Дејствијата кои ги презела Клементина биле во состојба на силна раздразнетост, предизвикани од Тот по повеќе часовно навредување и допирање по целото тело. Доказ дека Клементина не ја сакала смртта е фактот што по настанот ја следела состојбата на сега починатиот, му го мерела пуслот и се надевала дека ќе биде добро. Таа не правела масажа на срце бидејќи немало место, другите присутни го правеле тоа“, додаде адвокатот Василески.

Според него, нејасно е како настанала повредата без која, Денис Тот немало да почине.

„Треба силен и убедлив доказ кој го сторил кривичното дело и на кој начин. Кога постои смрт, не значи дека по автоматизам е сторено кривично дело убиство. За да се докаже ова кривично дело, потребно е да се знае со каква примена на сила, во кој дел од телото, како е нанесена, а сторителот да има умисла да го стори тоа. Во конкретниот случај, утврдија дека причина за смртта е нагмечување на големиот и р’бетниот мозок. Но остана нејасно како е нанесена таа повреда. Вештите лица не кажаа дека е од удар нанесен од обвинетата Клементина. Непостоењето на силен доказ дека Клементина ја нанесила смртоносната повредата ја ослободува од кривична одговорност која и се става на товар“, посочи адвокатот на Клементина.

За него, повеќе од јасно е дека Клементина не нанела удар со кој го убила Тот.

„Неспорно е дека презела дејствија против сега починатиот. Според нејзиниот физички капацитет јасно е дека таа не била способна да го убие Денис Тот дури и да го посакувала тоа. Клементина е слаба, ниска, со 40 килограми. Таа не може да нанесе повреда што ќе предизвика таква повреда. Овде сакам да потенцирам дека Тот е несоодветно транспортиран во возилото на Брза помош, без задолжителна мобилизација на врат. Сите овие аспекти упатуваат на тоа дека не стои сигурен доказ дека Клементина ја предизвикала смртта кај починатиот за да се терети за убиство. Кривичното дело убиство е умислено кривично дело, односно за да се исполни битието, сторителот треба да го сака извршувањето или да биде свесен дека од неговото сторување може да настане штетната последица и да се согласи со постапувањето. Не произлезе дека обвинетата се согласила со смртната последица или сакала да го убие Тот“, кажа адвокатот.

Василески образложи дека Клементина се бранела.

„Пред донесување на одлуката, му предлагам на судот да има во предвид што претходело на кривично правниот настан односно што го предизвикало истиот. Имено, од распитот на сведоците, може да се заклучи дека токму оштетениот го предизвикал кривично-правниот настан и тоа со грубо малтретирање на обвинетата Клементина, која била буквално жртва на сега починатиот. Тој правел проблеми во дискотеката, имал агресивни испади, викал на повисок тон“, додаде адвокатот.