Вардар не успеа да избори пласман во плејофот за пласман во Лигата на шампионите, откако вечерва загуби од Копенхаген со 4:1 (2:1). За утеха на Вардар му останува што ќе игра во последниото коло од квалификациите во Лига Европа.
Натпреварот лошо започна за Вардар, по нецели две минути Грегуш испрати проектил од 25 метри и го совлада Гачевски. Во 16 минута дирекот го спаси Вардар по ударот на Вербич. Три минути подоцна школска акција на македонскиот првак, а асистенцијата на Барсегјан во гол ја претвори Николов.
Сепак на полувреме Копенхаген замина со предност 2:1 откако Барсегјан несреќно си постигна авто-гол.
Во второто полувреме, Копенхаген ја контролираше играта, но Вардар добро ги затвори приодите кон голот на Гачевски, не оставајќи и простор на Данците конкретно да се заканат.
Шансите на Вардар дека ќе избори пласман во наредната рунда рапидно пораснаа во 69 минута кога стрелецот на првиот гол Грегуш го доби вториот жолт картон и мораше да ја напушти играта.
Но три мИнути по исклучувањето на Грегуш, Бенгстон проби по левиот бок, упати идеален центаршут, а Сантандер од еден метар ја спроведе во голот.
Вардар потоа се обиде да притисне кон голот на Олсен со повеќе играчи што остави простор за контранападите на Копенхаген. Еден таков истрча Аманква го проигра Вервич, кој беше срушен од Гачевски. Пеналот сигурно го реализраше Сотириу.