На денешната комеморација одржана во чест на починатата фудбалска легенда, Васил Рингов, од фудбалскиот клуб Вардар информираа дека веќе поднесоа иницијатива јужната трибина на арената „Тодор Проески“ да се преименува и да го носи името на Васил Рингов.
Легендата на Вардар одигра преку 200 натпревари во „црвено-црниот“ дрес и постигна 93 голови.
Вардар донесе одлука да го повлече дресот со бројот 11, кој повеќе нема да го носи никој во клубот, во чест на Васил Рингов.
На денешната комеморација зборуваше и поранешниот тренер на Вардар, соиграч на Рингов – Ѓоре Јовановски.
„Рингов беше човек кој имаше свое достоинство, интегритет, тоа треба да се нагласи посебно во денешно време кога е тешко да се задржи тој интегритет. Таа негова оригиналност може да се искаже и со струмичкиот акцент кој му беше присутен кога дојде. Секое дружење со него, секој тренинг, секој натпревар, секое патување со него можеше пет-шест анегдоти да се раскажат. Неговиот дух секогаш ќе лебди над Градски, секогаш ќе лебди особено над јужната трибина. Не можеме да ги заборавиме неговите центар шутеви, секогаш знае да те погоди во трепавица“, рече Јовановски.
Рингов почина на 23 декември, на 70-годишна возраст.
