Талентираниот Станковски од Работнички оди кај Берлускони, од летово ќе игра за Монца

Од:

Македонскиот младински фудбалски репрезентативец и член на прволигашот Работнички, Лука Станковски (18), од следната сезона ќе му се приклучи на италијанскиот клуб Монца, во сопственост на поранешниот сопственик на Милан и премиер на Италија, Силвио Берлускони.

Монца, во чиј актуелен состав настапуваат познати фудбалски имиња, меѓу кои и Кевин Принс-Боатенг и Марио Балотели, во моментов е второпласиран во Серија Б со амбиции во следната сезона, за првпат во својата 108-годишна историја, да игра во најсилната италијанска лига.

– Горди сме што може да објавиме дека еден од најталентираните македонски фудбалери Лука Станковски од јуни кариерата ќе ја продолжи во италијанскиот клуб Монца. Двата клуба ги договорија деталите за трансферот што треба да се реализира во летниот преоден рок, соопшти вечерва претседателот на Работнички, Драган Поповски за клупскиот сајт.

Тој нагласува дека имало многу понуди за Лука Станковски, но донеле заедничка одлука со фудбалерот и со неговите родители, Монца да биде идниот клуб, каде ќе продолжи да се развива и да се надградува.

– Среќни сме што Работнички успешно ја продолжува стратегијата за реализација на трансфери на млади и талентирани фудбалери во странство и горди што во еден исклучително тежок период на глобална пандемија на коронавирусот, Работнички оствари два трансфери, Давид Тошевски во Ростов и Лука Станковски во Монца, додаде првиот човек на скопскиот прволигаш.

Станковски до крајот на сезоната ќе го носи дресот на Работнички, а потоа ќе биде промовиран во редовите на Монца. Тој во првиот дел од сезоната постигна седум голови и беше четврти стрелец во македонското првенството.