Ламине Јамал е нова фудбалска ѕвезда. Многумина веќе го споредуваат со легендите на Барселона, а една од нив, Бразилецот Роналдињо, смета дека Шпанецот може да ја испише историјата на овој клуб.
Иако има уште 17 години, тој веќе забележа 102 настапи за Каталонците и освои дури 5 трофеи.
Роналдињо смета дека тој и Лионел Меси ја напишале историјата на Барселона и дека сега е на ред Јамал да го направи тоа.
– Меси и јас веќе испишавме историја, сега на ред е Ламине. Она што го покажа досега, на толку млада возраст и со таков талент е извонредно. Сакам да гледам играчи како него, тие се добри за фудбалот. Се надевам дека ќе може да има кариера како нашата – изјави Бразилецот за „Марка“.
Тој исто така смета дека шпанскиот претставник веќе е на ниво на освојувачот на Златната топка.
– Никогаш не ми се допаѓале таквите споредби бидејќи секој фудбалер има свој уникатен стил на игра. Она што е важно е дека Јамал им носи радост на луѓето, како што правев јас во мое време, или како Меси подоцна. Се надевам дека ќе продолжи да го покажува потенцијалот што го покажа досега. Тој е на ниво на освојувач на Златната топка. Има и други големи играчи во светот, но тој е меѓу нив. Изненадувачки е затоа што е толку млад, но може да напише историја со тоа што ќе ја освои не само еднаш, туку повеќе пати – заклучи Роналдињо.
Јамал оваа сезона одигра 34 натпревари во Примера и постигна 9 гола и има 13 асистенции.