Поради темница прекинат мечот Чилиќ – Изнер на Вимблдон

Од:

Маратонскиот меч од третото коло од машка конкуренција на Вимблдон меѓу Марин Чилиќ и Џон Изнер е прекинат синоќа поради темница. Во моментот на прекинот резултатот е 2:2 во сетови и 10:10 во гемови во решавачкиот сет.

Чилиќ ги доби првиот и третиот сет што значи дека двапати водеше, а Изнер двапати успеваше да изедначи. Во петтиот сет Чилиќ имаше брејк и водство од 3:0, но Изнер пак „се врати“ во мечот. Во десеттиот гем при резултат 5:4 во гемови хрватскиот тенисер Чилиќ имаше и меч топка, која Изнер ја спаси. Мечот досега траеше 4 часа и 16 минути. Продолжението на мечот е на теренот број еден по дуелот во женска конкуренција меѓу Каролине Возниачки и Камила Џорџи.

Пласман во осминафиналето обезбедија: Новак Ѓоковиќ, Кевин Андерсон, Денис Кудла, Стан Вавринка, Давид Гофин, Ришар Гаске и Ник Киргиос.

Денеска ќе бидат познати и другите осминафиналисти на Вимблдон по мечевите од третото коло.