Со години се шпекулираше за обидите на Пеп Гвардиола да го доведе Нејмар во своите тимови, но сега бразилскиот ас откри непознати детали од неговото минато.
Нејмар во интервју за бразилските медиуми раскажа како Гвардиола се обидел да го ангажира за Баерн Минхен додека тој се уште бил во Сантос. Но, начинот на кој го направи тоа изненади многумина.
– За малку ќе завршев во Баерн поради Пеп Гвардиола. Откако ја освоив наградата Пушкаш, татко ми ми се јави во два часот наутро. Јас одговорив, а тој ми рече да ја отворам вратата. Бев во боксерки, а пред вратата беа татко ми, Пеп Гвардиола и преведувачот – изјави Нејмар.
Според него, шпанскиот тренер бил убеден дека може да го направи најдобриот играч на светот и веќе имал разработени тактички идеи.
– Пеп ми кажа дека сака да потпише со мене и да ме однесе во неименуван клуб. Ми кажа и дека ќе ме направи најдобар играч на светот. Ми покажа парче хартија, го отвори лаптопот и ми кажа што ќе играм. Тој исто така рече дека ќе ми го смени името ако не постигнам 60 гола во една сезона – објаснува Нејмар и додава:
– Му реков, добро, но во кој тим одам? Тој рече дека не може да каже бидејќи сè уште не е официјално. На крајот, поради неговата упорност, дознав дека оди во Баерн. Сепак, се одлучив за Барселона.
На крајот, Нејмар ја избра Барселона, а Гвардиола истата година се пресели во Баерн.
Нивните фудбалски судбини никогаш не се вкрстија во ист тим, но Нејмар признава дека би сакал да има можност да работи со шпанскиот стручњак.