Навивач на Барселона доживеа необична непријатност кога, сакајќи да го гледа натпреварот на својот омилен клуб (Барселона) од Лигата на шампионите против Њукасл, заврши на сосема погрешен стадион.
Наместо на познатиот стадион „Сент Џејмс Парк“ во Њукасл, тој пристигна на истоимениот стадион во Ексетер, оддалечен речиси 600 километри.
Шпанскиот навивач, веројатно потпирајќи се на навигацијата на својот телефон, го напиша името на стадионот „Сент Џејмс Парк“ и само ги следеше упатствата.
Сепак, навигацијата го однесе во градот Ексетер во југозападна Англија, каде што се наоѓа и истоимениот стадион.
Па така, наместо натпреварот од Лигата на шампионите помеѓу Барселона и Њукасл, тој заврши на натпреварот од третата англиска лига помеѓу Ексетер Сити и Линколн Сити.
Ситуацијата ја откри еден од вработените во клубот од Ексетер Сити, кој забележа збунет навивач на влезот од стадионот.
– Еден од нашите волонтери дојде во канцеларијата и ни кажа дека на влезот има еден човек кој би сакал да ја гледа Барселона. Неговиот англиски не беше добар, но од она што успеаја да го разберат, тој доаѓа од Лондон – рече директорот на канцеларијата на навивачите на Ексетер Сити – Адам Спенсер.
Тој објасни како веројатно имало недоразбирање.
– Би рекол дека тоа се случило затоа што напишал „Сент Џејмс Парк“ во телефонот, а потоа само ги следел упатствата. Беше многу разочаран и малку засрамен. Па му купивме билет за нашиот натпревар против Линколн Сити – додаде Спенсер.
Иако го пропушти дуелот на неговиот омилен клуб во елитното европско натпреварување, несреќниот навивач сепак доби можност да гледа фудбал во живо, дури и ако тоа беше натпревар од третата дивизија на Англија.
Оваа необична ситуација брзо стана хит меѓу навивачите и на социјалните медиуми, каде што многумина коментираа дека тоа е една од најбизарните грешки што им се случиле на фудбалските навивачи на пат кон стадион.
