Поради лошото време, снегот и ветерот кои владеат во Скопје, македонскиот кошаркарски првак МЗТ вчера не успеа да одлета кон Загреб каде утре треба да се сретне со Цибона во рамките на 17. коло од АБА лигата.
Авионот со кој “металците” требаше да патуваат воопшто не пристигна во Скопје, па тимот од Аеродром се врати во својата сала и таму го одработи тренингот предвиден за арената на Цибона. Последната информација од клубот е дека утринава од 11 часот тимот ќе се обиде повторно да отпатува за Хрватска бидејќи е воведен вонреден саботен лет кон Загреб и кошаркарите би можеле да стигнат во раните попладневни часови.
Според МЗТ Скопје, патувањето со автобус воопшто не е опција поради лошите услови кои владеат на патниот правец Скопје-Белград. Во текот на вчерашниот ден токму во тој дел заглавија кошаркарите на Карпош Соколи кои денеска треба да му гостуваат на Партизан.