Фудбалерот на Манчестер Сити и норвешки репрезентативец, Ерлинг Халанд, изјави дека не очекуваше дека толку брзо ќе постигне 100 гола во англиската Премиерлига.
Синоќа фудбалерите на Манчестер Сити го победија Фулам со 5:4 во натпреварот од 14-тото коло од Премиер лигата.
Халанд го постигна првиот гол за својот тим во 17-тата минута од натпреварот. Фудбалерот на Сити стана играчот кој постигна 100 гола во Премиер лигата во најмалку одиграни натпревари.
Норвежанецот успеа во тоа во 111-от натпревар, а претходниот рекордер беше легендарниот англиски фудбалер Алан Ширер, кој го постигна 100-от гол во 124-от натпревар.
„Кога пристигнав, сакав да постигнам 100 гола во Премиер лигата за Сити. Но, не очекував дека ќе биде толку брзо. Сега се случи и многу сум горд. Ова е голема работа. Кога ќе се осврнам на крајот од мојата кариера, овој натпревар ќе биде огромна работа и ќе го паметам ова до крајот на животот“, изјави Халанд за веб-страницата на Сити.
И тренерот на „граѓаните“, Пеп Гвардиола е изненаден.
„Да ми кажевте дека ќе постигне 100 гола на 111 натпревари, ќе ве прашав: „Дали сте сигурни? Во оваа лига?“ Но, тој го направи тоа. Бројките се луди“ рече Гвардиола.
