Искусниот шпански тренер Пеп Гвардиола го продолжи договорот со Манчестер Сити до 2027 година, но посочи дека после тоа планира да се пензионира, барем привремено.
По речиси една деценија успех на клупата на англискиот гигант, Гвардиола смета дека е дојдено време за пауза и преиспитување на понатамошните чекори во кариерата.
Резултатите оваа сезона не ги исполнија очекувањата – клубот е надвор од трката за титулата, елиминиран од Лигата на шампионите и се бори за место во елитното европско натпреварување следната година.
– Нека луѓето ме паметат како сакаат. Откако ќе ми истече договорот со Сити, застанувам, сигурен сум во тоа. Не знам дали целосно ќе се повлечам, но сигурно ќе паузирам. Кога ќе умреме, семејството не жали два-три дена и потоа е готово, заборавени сме. Во тренерската кариера има и добри и лоши моменти, а најважно е најдобрите да се паметат уште малку. На крајот на денот, не е важно што мислат луѓето за вас. Животот на нас тренерите и фудбалерите беше многу добар. Ни претстојат нови предизвици, не знам што ме чека, но на крајот тоа не е најважно – изјави Гвардиола.
Говорејќи за ESPN Бразил, Гвардиола призна дека оваа сезона била полна со предизвици и грешки, но и важни лекции кои планира да ги земе во следната фаза од животот.
– Тоа беше година на големо учење. Немаше само една причина зошто сезоната беше тешка, туку многу детали, вклучувајќи ги и моите погрешни одлуки. Така што, лично, ова беше година на големи лекции за мене – нагласува Гвардиола.