Гатузо: Мојот сон да бидам селектор на Италија се оствари

Од:

Новиот селектор на италијанската фудбалска репрезентација, Џенаро Гатузо, денес во Рим изјави дека негова главна цел е да се квалификува на Светското првенство со репрезентацијата, кое ќе се одржи во 2026 година во САД, Канада и Мексико, објавува Газета дело Спорт.

Денес, Гатузо беше официјално претставен како нов селектор на италијанската фудбалска репрезентација. Тој го замени Лучијано Спалети како тренер на „Азурите“, кој беше отпуштен откако освои три бода со Италија во првите два квалификациски натпревари за Светското првенство 2026.

„Ова е сон што ми се оствари, се надевам дека ќе бидам на висина на функцијата селектор на Италија. Знам дека не ме чека лесна работа, но ништо во животот не е лесно. Свесни сме дека мораме многу да работиме, но мораме и одлично да ја завршиме работата“, рече Гатузо на прес-конференцијата.

„Слушам некои како велат дека Италија го нема талентот што го имаше порано. Мислам дека имаме талент, но мора да ги ставиме играчите во најдобри можни услови за да можат да го покажат. Се надевам дека ќе завршам добра работа и дека ќе ја одведам Италија на Светското првенство. Тоа е клучно за нашиот фудбал“, додаде новиот италијански селектор.

Гатузо истакна дека премногу странски фудбалери играат во Серија А.

„Дури 68 проценти странски играчи има во Серија А. Ова се податоци што мора да нè натераат да размислиме. Претходно, добро функционираше во помладите категории, но играчите се губат откако ќе ја напуштат јуниорската селекција. Двапати по ред не се квалификувавме за Светското првенство. Мора да го вратиме ентузијазмот, но без страв, бидејќи кога се плашиш, тогаш не можеш ништо да направиш“, рече новиот селектор на Италија.

Гатузо изјави дека верува во пласманот на Италија на СП 2026.

„Фудбалот е мојот живот. Се надевам дека нема да им бидам товар на моите колеги во Серија А и во странство. Планот е да ги посетувам клубовите, да гледам тренинзи, да разговарам со сите… Сигурен сум дека имам квалитетни играчи. Сигурен сум дека имаме квалитет да ја постигнеме нашата цел“, нагласи Гатузо.

Италијанската фудбалска репрезентација е на третото место на табелата во квалификациите од групата I за СП 2026 со три бода од два натпревари. Норвешка е прва со 12 бода од четири натпревари, додека Израел е на втората позиција со шест бода од три натпревари.

Гатузо (47) минатата сезона го тренираше Хајдук од Сплит, а пред тоа ги водеше Олимпик Марсеј, Валенсија, Наполи, Милан, Пиза, ОФИ, Палермо и Сион.