Европската јуниорска елита дел од турнирот „Црна Река Опен 2016“

Од:

По и повеќе од успешното минатогодишно издание на тенискиот турнир „Црна Река Опен“, од 1 до 6 август тенискиот клуб „Црна Река“ од Кавадарци втора година по ред ќе биде домаќин на најдобрите тенисери и тенисерки до 16 години од „стариот“ континент. Квалитетот на годинашното издание на турнирот „Црна Река Опен 2016“ кој е дел од календарот на европската тениска асоцијација Tenis Europe, го потврдува и големиот број на пријавени натпреварувачи во машка и женска конкуренција, меѓу кои се и 20 тенисери и тенисерки од Македонија.

„Драго ни е што и годинава успеавме да ја добиеме организацијата на еден ваков силен турнир, и да го ставиме Кавадарци на мапата на светските градови каде се игра квалитетен тенис. Искуството од минатогодишниот турнир секако не прави подобри на организациски план, терените се во топ форма, па очекуваме одлични и квалитетни натпревари во кои се надеваме ќе уживаат голем број на љубители на тенисот и спортот воопшто“ – рече меѓу другото директорот на турнирот „Црна Река Опен 2016“, Лазе Мицев.

Поради големиот број на пријавени играчи и во сингл и во дубл, во недела, 31 јули, со почеток од 10 часот, ќе се играат квалификациони дуели, а официјалната турнирска програмата ќе започне ден подоцна, односно во понеделник во 10 часот. Како и минатата година, првиот дел од турнирот освен на терените на тенискиот клуб „Црна Река“ ќе се игра и во Неготино, додека завршните натпревари во сингл и дубл, од четвртфиналната, полуфиналната и финалната фаза ќе се играат во Кавадарци.

Свеченото отворање на турнирот е закажано за во понеделник, 1 август, со почеток од 19 часот, на терените на тенискиот клуб „Црна Река“, чии бои годинава ќе ги бранат Ангела Мицева и Микаела Чејкова, додека сеуште е неизвесен настапот на Марија Еленова.