Поранешниот капитен на бразилската фудбалска репрезентација, Карлос Каетано Бледорн Вери, попознат како Дунга, верува дека играчите на Бразил не играат толку привлечно како во негово време бидејќи се „европеизираа“ и ја додаваат топката наназад, наместо напред.
„Проблемот е што сега момчињата одат во Европа на 17, 18 или 19 години и сè се менува. Во наше време беше неприфатливо да се додава топката наназад од средниот ред. Навивачите би „те убиле““, рече 62-годишниот Дунга во интервју за шпанскиот весник „Марка“.
„Секогаш треба да ја додавате топката напред и постојано да одите еден на еден. Такви беа Бебето, Роналдињо, Ромарио, Савио…“, додаде тој.
Дунга го освои Светското првенство во 1994 година со Бразил во САД играјќи како дефанзивен играч од средниот ред.
„Таква игра не функционира во Европа. Европејците доведуваат млади бразилски играчи, а потоа ги принудуваат да ја додаваат топката наназад. Тоа нема смисла според мене“, рече поранешниот играч со 91 настап за Бразил.
Дунга, кој во текот на својата кариера играше за бразилските клубови Сантос и Васко де Гама, како и за италијанската Фиорентина и германскиот Штутгарт, не ја смета јужноамериканската репрезентација за главен фаворит.
„Шпанија, Франција и Аргентина во моментов се пред Бразил. Тие се еден чекор понапред, но сè може да се промени за шест месеци“, рече тој.
На прашањето дали е добро што ова лето беше ангажиран странец на клупата, 66-годишниот Италијанец Карло Анчелоти одговори дека „дојде моментот да се обидеме со странец“.
„Имаше добри домашни тренери, но атмосферата беше многу лоша. Имаше многу внатрешна лоша енергија, со многу политички несогласувања меѓу претседателите на федерацијата и слични. Го доведоа Анчелоти, па сега зборуваат само за фудбал, што е позитивно“, рече тој.
