Ал Џезира Балкан – Сараево
Годишнината од прекинувањето на авторската емисија на Оља Бечковиќ од белградската Телевизија Б92, во морето не летните комеморации, помина незабележано во Србија.
– Мене емисијата „Впечаток на неделата“ ми беше потребна. Ми беше доказ дека не сум луд. Или барем дека не сум сам во своето лудило. Сега повеќе немам доказ дека не сум луд, изјави неодамна Рамбо Амадеус кога го прашаа дали му недостига култната емисија на Оља Бечковиќ, која точно една година се емитуваше на белградската Телевизија Б92.
Годишнината на прекинот на емисијата, во морето на летните комеморации – од Сребреница, стрелањето на Дража Михајловиќ, до Бура, мина некако незабележано во Србија. Вистина, таков комеморативен собир би бил бесмислен сам по себе, главната жртва е жива и здрава, осомничениот за нејзиното исчезнување е уште пожив и по здрав, а комеморацијата со опело во некаков ТВ формат, како што се нарекува тоа денес, би завршила веројатно во таблоидна рубрика Бизарно.
Генезата на случајот е наизглед едноставна. Личи на одлука на менаџментот на Реал Мадрид на Кристијано Роналдо да му понуди да премине во нивниот втор тим, кој игра во некаква пониска трамвај зона, бидејќи целта е да ја заживеат шпанската Втора лига. Така Оља Бечковиќ, пред една година, кога гостинот во следниот „Впечаток“ во стандардниот термин во неделата во 21:00 часот, веќе беше најавен (за сите новинарски проблеми незаинтересираниот министер за култура и информирање Иван Тасовац), доби итно решение за годишен одмор до есента. Пред тоа, според традицијата, летната пауза ја правеше само во август и така во круг 20 години.
Потоа есента и понудија да премине на кабелскиот Инфо канал 22, кој моментно ни најдобрите познавачи на ТВ шемите на кабелските провајдери не умеат да го најдат во меморијата на својот ТВ приемник.
Многумина мислат дека тој канал, всушност воопшто и не постои, изгледа отишол во вечните ловишта.
Корпоративен дух
Е сега, ќе кажете и Роналдо би одбил да игра во шпанската втора или трета лига, па затоа тие лиги пропаѓаат во однос на Премиера, па Оља Бечковиќ е виновна што Б92 инфо каналот во меѓувреме цркна, бидејќи дури и за поголем хонорар, би одбила да игра за вториот тим на Реал, на што во новинарска смисла, личеа телевизијата и радиото на Б92 до пред некое време.
Се би завршило како приказна за новинарка на која и фали корпоративен дух да ги сфати визиите на новиот сопственик на ТВ Б92, грчката Антена, дека Оља Бечковиќ во еден момент не одговори на омиленото прашање на српскиот премиер Александар Вучиќ и неговиот соработник. Имено, кога и да се покрене прашањето за слободата на медиумите, Вучиќ и неговите метеори-новинари го поставуваат истото прашање: Еве, кажете ми, дали јас некогаш сум ви се јавил?
И потоа новинарот обично вели: Не сте се јавиле! Дури и ако се јавил.
Слободата на печатот е целосна, според сфаќањето на Српската напредна партија, само ако политичарот не се јавува на телефон на новинарите и главните уредници. Или не дај Боже да им прати СМС.
Е сега, во еден момент, Оља Бечковиќ на ова прашање одговори потврдно.
– Да, Вучиќ ми се јави, рече, факт, не одговарајќи на неговото прашање, туку на прашањето на колегите со кои зборувала за причините зошто емисијата и е симната од програма.
Списокот на тие кои имаа доза храброст да и се јават на Оља пред камери и да ја прашаат за здравјето, по симнувањето на емисијата, веројатно најдобро зборува за тоа на кого Вучиќ може понекогаш да му се јави. Макар и да се преправал дека го погрешил бројот.
Кич, шунд и Вучиќ
За една година, од тукашните телевизии Оља имаше можност да зборува само за Ал Џезира Балкан, каналот Н1 и Радио-телевизија Војводина. Во превод – два кабелски регионални канали и еден српски јавен сервис, иако треба да се има предвид дека РТВ Војводина работи под патронат на власта во Војводина, на опозициските демократи на Пајтиќ.
Едно ТВ интервју даде и за сајтот Истиномер. Вистина, списокот на печатените медиуми за кои зборуваше е многу поголем Неделник, Политика, Блиц, Време…., но влијанието на печатот на српското јавно мнение е многу скромно.
Тука повторно доаѓаме до Роналдо. Ако одбие да оди во вториот тим на Реал Мадрид, него веројатно веднаш би го повикале, на пример, Манчестер или Баерн. Бечковиќ никаде не ја викнаа, освен што, веднаш по раскинувањето со Б92, стигна понуда од Жељко Митровиќ, сопственикот на ТВ Пинк, канал кој последните три години главно се бави со промоција на кичот, шундот и Вучиќ. Со тоа што порано се бавеше со само овие први два елементи, а Вучиќ тука влета поради истенчениот вкус на сопственикот да процени кој ќе владее уште 100 години.
Нормално и Митровиќ спроведувајќи ја акцијата „Оља Бечковиќ на Пинк“, однапред знаеше дека од тој проект нема ништо. Затоа, впрочем, тој маневар е и смислен во препознатливата политичко-медиумска кујна.
Преминувањето на Оља Бечковиќ на Пинк би личело на трансфер на некој црнец во Кју-кукс клан, ако на црнецот таму му понудат месечен хонорар од 5.000 евра.
Од приказната на авторката на „Впечаток“, дознавме дека за лутите телефонски повици на премиерот на настапите на некои гости во нејзината емисија; за повиците од менаџментот на ТВ Б92 од каде и зборувале: – Ох, тој ќе полуди… Па дури и влијаеле ТОЈ еднаш да биде вонреден гост.
Куршлусот настана се чини кога Бечковиќ во емисијата, во која Вучиќ бил по желба на менаџментот на телевизијата, го третирала како маче, а потоа се случил интересен феномен. Ни премиерот, ни неговите соработници повеќе не сакале да гостуваат во „Впечаток“. А тие некако имаат впечаток дека сите емисии во кои не гостуваат или пак не можат да поставуваат прашања до водителот, туку водителот им поставува прашања ним и не треба да постојат, бидејќи ги кочат реформите.
Гарант сме полуделе
И така е решено. Дај да ја отстреламе Бечковиќ за пример на останатите. Логиката на власта во случајот „Тесна недела“, беше токму логика која се применува во масовни тепачки. Ако на почеток веднаш го претепаш најсилниот на спротивната страна, останатите ќе се разбегаат и нема во иднина многу да се мангупираат.
Оља Бечковиќ во вистинска смисла на тој збор е новинар. Затоа „Впечаток“, веќе една година го нема во етерот. Додуша, веќе неколку месеци прави интервјуа еднаш месечно во неделникот НИН, но тоа е далеку од она што таа го може. И што „Впечаток“ ја направи култна емисија во сите српски режими: во времето на Милошевиќ, Коштуница, Ѓинѓиќ, Тадиќ…
Е сега, на таа интересна низа на имиња на српските современи владетели, фали едно. Што би рекол Рамбо – повеќе немаме доказ дека сме полуделе.
А полудени сме, гарантирано.