(ВИДЕО) Ескалираат немирите во Албанија: Повредени се осум полицајци

Од:

Директорот на полицијата во Тирана, Олигер Торба, вечерва пристигна во Универзитетската болница за трауматологија со преврзана рака, откако се здоби со повреди за време на протестот што денеска се одржа во албанскиот главен град, пренесува „Еуроњуз Албанија“ (Euronews Albania).

На петтиот ден од студентските протести во Тирана, дојде до жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата; безбедносните сили употребија солзавец, гумени куршуми и водени топови во обид повторно да ја преземат контролата врз ситуацијата.

Демонстрантите фрлаа камења и други тврди предмети кон полицијата и зградата на Министерството за образование, додека полицијата интервенираше за да ја растера толпата.

Според полициското соопштение, осум полициски службеници се повредени во претходните инциденти, а причинета е и материјална штета на зградата на Министерството и на сообраќајната инфраструктура.

Дваесет и едно лице побарало лекарска помош во Универзитетската болница за трауматологија, меѓу кои осум полицајци, 10 демонстранти и тројца случајни минувачи.

Дваесет и едногодишен маж, кој се здобил со сериозни повреди за време на полициската интервенција пред Министерството за образование, моментално е под лекарски надзор. Според достапните информации, не постои ризик од парализа, а во моментов не е потребна хируршка интервенција.

Лекарска помош им била укажана и на тројца повредени во регионалната болница во Валона – меѓу кои и еден полицаец – додека во Лежа била повредена малолетничка, која по укажаната помош е пуштена од болница.

Полицијата во Тирана соопшти дека по петокотните инциденти се уапсени 10 лица, додека против уште 22 лица е покрената правна постапка.