Тензии во грчките кампови за бегалци и мигранти

Од:

Атмосферата во камповите за бегалци и мигранти во Грција станува се позатегната поради што насилните инциденти на етничка основа меѓу мигрантите стануваат секојдневие.

Како што јави претходно МИА, полицијата вчера употреби солзавец за да смири судири меѓу Пакистанци и Авганистанци во Идомени кои фрлале камења врз објекти и меѓу себе.

Според Јоргос Кирицис, портпарол на владиното координативно тело за бегалци, во поширокиот регион на Солун наскоро ќе бидат отворени четири нови центри за прием, јави дописникот на МИА од Атина.
Сепак, иако два автобуси вчера транспортира неколку десетици бегалци, Идомени се уште е дом на речиси 10.000 мигранти и бегалци кои живеат во бедни услови. Околу 2.500 капуваат на железничката пруга која води кон Македонија, поради што железничкиот сообраќај со недели е во прекин.

Во кампот Елинико во Атина, во кој се сместени околу 3.500 баратели на азил, стотици мигранти, главно Авганистанци, вчера одбиле да јадат во знак на протест против квалитетот на храната и поради тоа што се убедени дека сириските бегалци добиваат повластен третман на нивна сметка.
– Авганистанците тука се прашуваат зошто тие не можат да бидат вклучени во ЕУ програмата за прераспределба. Ако тие не добијат азил, тогаш ќе се вратат во Авганистан и ќе умрат и ЕУ нема да ја преземе одговорноста за тоа, бидејќи Авганистанците не се сметаат за бегалци, изјави Надир Нор, кој е одговорен за кампот сместен на стадон за безбол во кој се сместени околу 1.000 луѓе.

Повеќето бегалци заглавени во Идомени немаат валидни документи затоа што нивната важност е истечена, соопшти вчера грчкиот министер за миграциска политика Јанис Музалас. Проблемот со истечени документи не е само во Идомени, туку и во камповите во близина на Атина и Солун, кои се единствените места каде што мигрантите можат да поднесат барања за азил.

– Документите на 70 отсто од луѓето во Идомени, што ги добиле кога биле регистрирани, веќе се истечени, изјави Музалас и додаде дека ако полицијата ги провери десетте илјади мигранти кои се во кампот, повеќето од нив можат да бидат уапсени како илегални мигранти. Тој истакна дека ако бегалците се преместат во други кампови низ земјата, нивните документи автоматски ќе бидат обновени.
Според последните официјални податоци, во Грција се уште се заглавени 54.347 мигранти, и покрај огромното намалување на приливот на мигранти во земјата по договорот меѓу Брисел и Анкара.