Словенечкиот „Лилјак“ на електричен погон го освојува пазарот

Од:

Дојче веле – Бон

Првиот авион на електричен погон не е производ на некој воздухопловен гигант. Алфа Електро излегува од погон на малиот производител од словенечкиот град Ајдовшчина. Пипистрел има големи амбиции. На почетокот пропелерот создава малку завивачки звук. Кога брзината ќе се зголеми звукот преминува во рамномерен шум кој потсетува на работа на вентилатор. Ни трага од гласниот звук на мотор со клипови, ни трага од смрдеа на издувни гасови. Во рок од неколку секунди авионот со витки крила е подготвен за полетување.

– Како да стоите покрај машина за перење – вели главниот инжинер на фирмата Пипострел Тине Томажиќ. Компанијата, која со цело име се вика фирма за авиони на алтернативен погон, нуди два модела на авион од типот Алфа Електро на конвенционален погон со 80 КС, многу поинтересен, електричен со пет коњски сили повеќе. Покажувајќи ја главната производна хала со десетина бели трупови на мали авиони, Томажиќ повеќе за себе вели: – Успехот лежи во ефективноста на овие мотори бидејќи тие трошат многу малку енергија.

Перолесна категорија

Компанијата под звучно име Пипистрел (латинското име Pipistrellus значи лилјак) од самото основање кон крајот на 80-тите години произведе околу 1.000 авиони. Во споредба со поголемите производители, главно сместени во САД, не се работи за голема бројка. Но, Словенците направија продор во секторот на екстремно лесните и многу ефективни авиони. – Кога почнавме, конкуренцијата на нас гледаше како на лудаци бидејќи целото внимание го насочивме на заштеда на енергијата – вели основачот и директор на компанијата Иво Боскарол. Најголем проблем кај електричниот авион е и тој со кој се соочуваат и конструкторите на електричните автомобили – акумулаторите. Тие се многу потешки од класичниот резервоар за гориво што во воздух е уште поголем проблем од доле на земјата. И тоа со ограничен радиус на движење. – Алфа е добра во едно, а тоа е поволноста за вежбање на полетување и слетување – објаснува Томажиќ. Шефот на одделението за развој и истражување Андреј Хорват укажува на тоа дека кај ваквите авиони компанијата мора да вложи многу време и средства во истражувањето. 10 отсто од вработените во Пипистрел работат токму во овој сектор.

Едноставна проверка

Тоа се исплатеше бидејќи оваа мала словенечка фирма е добитник на многу меѓународни награди меѓу кои и од NASA General Aviation Technology Challenge две години по ред. – Ние до сега развивме четири генерации акумулатори и притоа посебно внимание посветуваме на безбедноста – вели Томажиќ. Овие литиумско-јонски акумулатори се полнат за 45 минути, точно толку колку што по правило трае паузата меѓу два училишни лета. Акумулаторот се менува за 5 минути. И додека се подготвува пробен лет Томажиќ ја фали едноставноста на својот авион.

– Треба само да се провери каросеријата, сите други информации се наоѓаат на екранот во кокпитот – вели пилот инжинерот. Големата заштеда на време ако се споредува со авион на класичен погон каде мора дополнително да се проверуваат низа вредности како притисокот на маслото, рачно мерење на нивото и квалитетот на горивото итн. Тука е најважно што елисата е подвижна.

Од сок до авион на алтернативен погон

На околу 600 метри над југозападна Словенија Алфа Електро се качува со брзина од 500 метри во минута.

Авионот сега се спушта и Томажиќ гордо покажува уште еден трик со кој располага неговиот, на слободниот пазар 100.000 долари вреден авион. – Гледате по инструментите дека капацитетот на акумулаторот сега расте. Кај секое спуштање акумулаторот се полни – вели Томажиќ со широка насмевка на лицето. Авионот кој наеднаш се претвора во ветроелектрана е уште еден адут на ентузијастите од Ајдовшчина која на жителите на поранешна Југославија беше позната по популарниот овошен сок, а не по авионите.