Сириза победи на изборите во Грција, почнуваат преговорите за влада

Од:

Коалицијата на радикалната левица – Сириза освои 36,32 проценти од гласовите на вчерашните вонредни парламентарни избори во Грција, покажуваат резултатите од 90 отсто преброени гласови.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, зад Сириза е Нова демократија со 36,2 отсто, Златна зора е трета политичка сила со освоени 6,31 проценти, Потами освои 6,03, Комунистичката партија на Грција (ККЕ) 5,47, ПАСОК 4,72 и Независни Грци ја доби поддршката од 4,69 отсто од избирачите.

Според овие бројки, Сириза сепак не освои мнозинство со 149 места во парламентот, Нова демократија ќе има 76 пратеници, Златна зора 17, Потами 17, ККЕ 15, и ПАСОК и Независни Грци ќе имаат по 13 пратенички места.

– Грчкиот народ денеска создаде историја, надежта создаде историја и ни даде јасен и силен мандат. Грција врти страница, зад себе го остава штедењето кое доведе до уништување, стравот и авторитаризмот, и после пет години понижувања и страдања – продолжува со стабилни чекори во Европа која се менува. Нашите луѓе се типичен пример на промените на Европа, истакна синоќа лидерот на Сириза, Алексис Ципрас.

Тој нагласи дека од денеска почнува напорна работа. – Пресудата на грчкиот народ ја прати „тројката“ во историјата на нашата заедничка европска рамка, истакна лидерот на Сириза.

Грчкиот премиер Андонис Самарас пак изјави дека грчкиот народ го кажа своето и дека неговата Нова демократија ќе ја почитува одлуката на Грците.

– Ние издржавме, ние го спречивме најлошото, ние го обновивме кредибилитетот на земјата и ги поставивме темелите за нејзино враќање кон раст. Денеска јас предавам земја без дефицит, која излегува од кризата, која е членка на Европската унија и на еврото. Се надевам дека следната влада ќе ги зачува овие придобивки, рече грчкиот премиер во заминување, кој телефонски му ја честитал победата на лидерот на Сириза.

Иако не се соопштени конечните резултати Ципрас уште денеска ги почнува преговорите за новата влада. Грчките телевизии јавија дека тој веќе контактирал со лидерот на Потами Ставрос Теодоракис, а со претседателот на Независни Грци Панос Каменос веќе има закажано средба.

Според последните информации, Потами наводно нема да учествува во владата, но ќе ја поддржи Сириза во Парламентот.