Раѓање на нов турско-руски сојуз?

Од:

Хуриет Дејли Њуз – Истанбул

Многумина ја сфатија средбата меѓу претседателите на Турција и Русија, Реџеп Таип Ердоган и Владимир Путин, во Санк Петербург на 9 август – скоро девет месеци откако двајцата се сретнаа на маргините на средбата на врвот на Г-20 во Анталија – за историска заради три главни причини.

Прво, средбата во Санкт Петербург одбележува ново поглавје во односите меѓу Анкара и Москва, по неколкумесечната криза заради уривањето на руски борбен авион на крајот на ноември 2015 година.

Второ, посетата на Ердоган на Русија се случува во момент кога односите на Турција со западниот блок го допреа дното и затоа буди претпоставки за нов сојуз меѓу Анкара и Москва, особено по регионални прашања.

Трето, тоа е првата посета на Ердоган зад границите по обидот за преврат, за што турскиот претседател изрази благодарност кон својот домаќин за брзата и безусловна поддршка, за разлика од однесувањето на европските земји кон турската влада по 15 јули.

Последиците од средбата Ердоган-Путин со сигурност ќе се разјаснат во следните денови и седмици, особено на полето на економската, трговската и енергетската соработка, затоа што и двете земји имаат интерес да ги развиваат.

„Турски тек“ изгледа доби зелено светло и до двете страни, а АЕЦ Аккују беше дефиниран како стратешка инвестиција. Укинувањето на санкциите за турски земјоделски производи и за турски градежни компании во Русија, и обновувањето на чартер летовите се непосредни резултати од вчерашната средба. Тие ќе бидат дел од среднорочен план за дејствување за насочување на односите во тие области.

Заедно со сите тие прашања на дневен ред, двајцата лидери обрнаа големо внимание и на Сирија. Всушност, најсилната порака по тоа прашање беше испратена од Ердоган уште пред посетата на Русија. Во интервју за руски медиуми, Ердоган ја дефинираше Русија за „најважниот и главен актер во воспоставувањето на мир во Сирија“.

– Мислам дека Турција и Русија треба заедно да направат чекори за решавање на тоа прашање, подвлече тој.

Претседателот на Турција исто така предложи создавање на нов механизам за Сирија со учество на уште некои земји.

Квалификацијата од Ердоган за Русија како „главен актер“ во врска со ситуацијата во Сирија изгледа е отворена порака кон неговите западни сојузници, особено кон САД со која Турција соработува во напорите за искоренување на Исламска држава. Таа изјава не мора обврзно да значи дека сосема ќе престане партнерството со меѓународната коалиција раководена од САД против ИД, но јасно предвестува потенцијална промена во приоритетите и партнерите на Анкара во однос на Сирија.