По кражбата во Пашалиман се бара разрешување на Командантот на поморските сили

Од:

Албанската министерка за одбрана Олта Џачка достави предлог до Претседателот на државата за разрешување на Командантот на поморските сили, генерал мајор Илбер Доѓани.

Ова е наложено по завршувањето на административната истрага во депото за муниција во поморската воена база Пашалиман, кај Валона, во која на почетокот на јануари беше украдено оружје, муниција и гранати.

Од истрагата спроведена од Генералштабот на вооружените сили е потврдена одговорност на целата линија во командата на поморските сили и базата Пашалиман.

-Врз основа на истрагата, одговорност за безбедносните мерки во поморската база е утврдена кај командантот на поморските сили, Командантот на базата и на целата командна линија. Министерот за одбрана, на предлог на Началникот на Генералштабот, разреши 15 одговорни командни воени лица и лица одговорни за безбедносните и заштитни мерки во морнарицата и базата Пашалиман, пренесе агенцијата Балкан веб.

Скандалот со кражбата на оружје во воена поморска база Пашалиман, кај Валона, се случи ноќта меѓу 10 и 11 јануари, кога од базата се украдени митролези, автоматски пушки „калашников“, гранати и муниција.

Војникот кој бил задолжен за обезбедување на магацинот, во моментот на кражбата не бил присутен а кога се вратил забележал дека сандуците од каде се однесени оружјето, муницијата и гранатите се насилно отворени. За разлика од другите делови на базата, во овој магацин немало безбедносни камери.