Партиската економија најтешко се искоренува

Од:

Независне новине – Бања Лука

Реформската агенда за БиХ подразбира и реформи во јавните претпријатија со отстранување на партиската контрола, како и намалување на корупцијата во јавната администрација и при проекти кои се склучуваат со државата.

Следи тешка работа, а дека решавањето на ова прашање не е лесно ни во развиените земји, покажуваат примери кои ги најдовме во една од најразвиените држави на светот, во Германија.

Германското искуство

Германската Транспаренси Интернешенал во неодамна објавена студија покажа дека во многу јавни компании во Германија постои партиско влијание на работа, клиентелизам и партиско вработување. Во Германија имаат и израз за тоа – Parteibuchwirtschaft, економија на партиска книшка.

– Колку што стекнавме увид, речиси сите Владини институции се опфатени со таква партиска персонална политика. Таа, пак е присутна и во останатите јавни институции, покраинските институции и локалните заедници и помалку или повеќе ја користат сите партии. Овој се повеќе присутен тренд води до тоа политичките и личните интереси на министрите да се ставаат во функција на згрижување на партиски кадри – наведено е во една студија.

Еден од најпознатите проекти во Германија во кој се сомнева на врска меѓу политиката и бизнисот е изградбата на новиот берлински аеродром, чии рокови за изградба се неколку пати поместени. Трошоците неколку пати пораснаа, а се уште не се знае кога објектот конечно ќе биде завршен. Последниот во низата корупциски скандали медиумите го објавија во февруари. Германскиот весник Тагешпигел пишуваше дека еден од менаџерите земал пари при пишување на сметката за извршените работи.

– Тужителот покренал истрага против поранешниот директор на градилиштето Франсис Г. и четири менаџери од концернот Imtech поради подмитување, при што тоа лице кон крајот на 2012 година одобрило плаќање на 65 милиони евра за опремање на објектот, без да се изврши потребен увид во документацијата, а за возврат му било ветено милионска сума. Кон крајот на минатото лето шефот на техниката Јохен Гросман бил осуден условно поради слична корупција – навел весникот.

Ограбена држава

Дека вакви и слични афери не се реткост, покажува документарецот Ограбена држава, на германско-француската тв куќа Арте, во кој се зборува за раширената појава на корупција, најчесто преку јавно-приватно партнерство во Германија и Франција. Еден од примерите кој се наведува е изградба на зградата на Хамбуршката филхармонија, чии трошоци пораснале на 789 милиони евра. Истакнато е дека приватни партнери потпишале договор за изградба и опремање на објектот со Хамбург. Резултатот, како што се истакнува, е дека државата го презела целиот проект со плаќање на сите трошоци и спасување на градежните фирми со пари од даночните обврзници.

Вернер Ригемер, новинар и критичар на јавно-приватното партнерство ЈПП, во документарецот рекол дека тоа е типичен пример како се одвиваат слични проекти.

– Проблемот кај тие ЈПП е дека приватниот партнер се обидува да направи што поповолен договор во што покусо време, а потоа во договорот да уфрлува дополнителни трошоци кои на почетокот не биле планирани – рече тој.

Тоа многу потсетува на дополнителни анекси на договори, т.е. типично склучување на договори во БиХ. Комисијата која го истражувала случајот, оцени дека до проблем дошло поради лошо планираниот проект и недостиг на координација меѓу различни фирми кои го граделе објектот.

– Интересно е дека до пораст на трошоците главно дошло во дел кој бил плаќан од јавни средства. Кај ЈПП секогаш е проблем што приватникот се обидува да ги намали трошоците, а да ја зголеми добивката, а што повеќе трошоци да и остави на државата – рече Херибер Леутнер, еден од вклучените во проектот.

Спорен автопат

Санацијата и проширувањето на автопатот А1 меѓу Хамбург и Бремен е прв таков проект на јавната мрежа на автопатот работен преку ЈПП, а со договорот меѓу другото, предвидено е приватниот партнер да се обврзува на одржување на делниците до 2038 година.

Резултатот, се истакнува, е најдолго траење на изведбата и најопасно градилиште во историјата на Германија, со зголемени застои и пореметување во сообраќајот, а бројот на сообраќајните несреќи од вообичаените 600 се зголемил на 1.700 годишно, со повеќе загинати и голема материјална штета во текот на овие четири години.

Во документарецот е истакнато дека договорот, кој има вкупно 38.000 страници, е тајна и дека јавноста нема увид колку чини целата изведба, ниту каква е распределбата на парите од добивката која се плаќа преку наплата на патарини за товарните возила. Се проценува дека до 2038 година, преку патарината вкупно ќе се соберат околу 2 милијарди евра, а дека трошоците за приватниците максимално можат да изнесуваат околу 650 милиони. Меѓутоа, точните износи, како ни распределбата меѓу државата и приватниците, не се откриени. По завршувањето на изградбата, истакнато е дека сообраќајната сигнализација не функционира добро и дека електронските сообраќајни знаци за ограничување на брзината не биле ни предвидени.

(Не)одговорност во БиХ

Антон Хофрајтер од партијата на Зелените во германскиот парламент, кој е задолжен за контрола на договорот на ЈПП, се жали дека иако има пристап до договорите на ЈПП, има забрана да зборува за нив дури и со колегите во парламентот, што го смета за апсурдно.

– Значи, имам увид, дозволено ми е да сфатам за што се работи, но за тоа не смеам да зборам со никого. Според мое мислење, тоа не е никакво ефикасно контролирање на власта и како таа располага со јавните пари – истакна тој.

Во продолжение додаде дека неговото лично мислење е дека многу од 130 договори за ЈПП колку што моментално ги спроведува во Германија, има сомнителна економска пресметка.

Зоран Павловиќ, економист од Бањалука, истакна дека во сите земји постои одредена спрега меѓу партиите, јавните институции и бизнисот, па и во Германија, но за разлика од БиХ, таму кога таквите случаи медиумски ќе се откријат, тогаш одговорните сносуваат последици.

– Секаде партиите на власт се трудат да постават свои луѓе на различни позиции или во јавните институции, но тие, за разлика од нас, одговараат на деловните резултати. Ако резултатите се лоши, менаџментот автоматски го менуваат – рече Павловиќ.

Тој потенцира дека веројатно и во Германија постои врска меѓу политиката и бизнисот, но вели дека дејностите се склучуваат според јасни правила.