Осум лица се уапсени во врска со нападот во Босанска Крупа

Од:

Во Босанска Крупа и Бихаќ доцна синоќа беа извршени претреси на повеќе локации, а во таа прилика беа уапсени осум мажи кои се поврзани со терористичкиот напад на полициската станица во Босанска Крупа, кога еден полицаец беше убиен, а друг беше ранет, изјави портпаролот на Унско-санскиот кантон – Аднан Бегановиќ.

Бегановиќ за порталот „Кликс“ посочи дека во Бихаќ е лишено од слобода едно лице со иницијали К.Х, родено 1971 година во Босанска Крупа, со сегашно живеалиште Бихаќ.

„Седум лица се лишени од слобода во Босанска Крупа. Кај нив е пронајдено одредено количество оружје, одземени се централни единици, паметни телефони, лаптопи, преносни компјутери, пари, УСБ-стикови, како и поголема количина хартија напишана на арапски“ – рече Бегановиќ.

Според него, во акцијата учествувале полициски службеници од секторот за криминалистичка полиција на УСК, заедно со единицата за поддршка и асистенција на СИПА.

Тој рече дека сите претреси се извршени во врска со кривичното дело тероризам, односно со нападот на полициската станица во Босанска Крупа.

Малолетниот Е.С.(14), кој во четвртокот вечерта околу 20 часот и 40 минути влегол во полициската станица во Босанска Крупа, со нож ги нападнал полицајците, од кои едниот починал веднаш, а другиот е повреден.

Малолетникот е уапсен.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Голема полициска акција на полицијата во Босанска Крупа

Горан Наумовски