Наскоро вонредни избори во Србија?

Од:

Вонредните парламентарни избори во Србија ќе бидат распишани во текот на следната недела, јавија денеска српските медиуми блиски до Српската напредна партија (СНП) на Александар Вучиќ, кој е вицепремиер и министер за одбрана, јави Анадолија.


Иако се шпекулираше дека лидерот на СНП Вучиќ и претседателот на Социјалистичката партија (СП) и премиер на Србија, Ивица Дачиќ ќе постигнат договор околу реконструкцијата на Владата, што претходно се споменуваше како решение за кризата, медиумите блиски до СНП наведуваат дека „првиот напредњак се заморил од натегањата меѓу коалициските партнери и оти се подготвува за избори, иако тоа била последната опција“.


Извор на Анадолија од врвот на српската Влада потврди дека „се уште ништо не се знае, но до крајот на неделата се ќе биде јасно“. 


Аналитичарот од Белград Дејан Вук Станковиќ тврди дека вонредните избори воопшто не се исклучени со оглед на тоа дека е мошне тешко да се одржи рамнотежа на интересите меѓу партиите во коалицијата во новите околности, кои би можеле да се создадат во случај на реконструкција на Владата.


Станковиќ нагласи дека Вучиќ „многу отскокнал“ и оти сега сака да капитализира.


– Српската напредна партија би капитализирала голема поддршка на избирачкото тело. Отворено е прашањето дали и по евентуалните вонредни избори самостојно ќе владеат или би им бил потребен некој помал партнер. Тоа во овој момент е тешко да се предвиди, но факт е дека Вучиќ и самата партија уживаат најголема доверба кај избирачкото тело во Србија.