Над 200 илјади луѓе сакаат „државјанство“ од Либерланд

Од:

Светските медиуми се занимаваат со неодамна основаната „држава“, на ничија територија која се наоѓа помеѓу Србија и Хрватска на западниот брег на Дунав – Либерланд.

Како што пишува лондонски „Индепендент“, оваа држава, не е идеја на некој националист кој има само половина мозок. Либерланд веќе има свој устав, знаме, грб, официјален веб-сајт, фејсбук страница и државно мото – Живеј и остави ги другите да живеат.

Либерланд е држава на лични и економски слободи на сите нејзини граѓани, а уставот ја ограничува моќта на политичарите да се мешаат во слободата на либерландската нација. Државното уредување на Либерланд е „уставна демократска република“.

Индепендент исто така пренесува дека оваа земја е на добар пат да воспостави билатерални односи со Австрија.

Вит Једличка, се уште неформален претседател и основач на оваа држава, повика 5.000 луѓе да станат граѓани на оваа суверена држава лоцирана на ничија земја помеѓу Србија и Хрватска. А веќе над 200 илјади луѓе пројавиле интерес за „државјанство“.

Либерланд од луѓето бара да имаат почит кон другите луѓе и почит кон туѓото мислење – без оглед на расата, етничката, сексуалната или верската припадност.

Услов е исто така да во својата биографија немаат комунистичко, нацистичко или било какво друго екстремно минато.