Клинтон: Немаше да има инцидент доколку Вучиќ пристигнеше подоцна

Од:

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон смета дека до инцидентот во Поточари немало да дојде, доколку српскиот премиер Александар Вучиќ „пристигнел малку подоцна“, пренесуваат српските медиуми.

Клинтон додал дека жали поради инцидентот, но истакнал дека до него не би дошло доколку Вучиќ пристигнал само за комеморацијата, а не откако почнала молитвата.

„Мислам дека на луѓето сепак им беше драго тоа што тој беше на комеморацијата, но ништо од тоа што таму беше речено не стигна до нив и тие останаа во шок кога го видоа него“, рекол Клинтон за хрватската телевизија РТЛ.

Според него, градоначалникот на Сребреница Ќамил Дураковиќ направил добар потег со тоа што поканил Вучиќ да присуствува на одбележувањето на 20-годишнината од масакрот во Сребреница.

„Слушнавте што кажа Дураковиќ околу тоа како пред 20 години останал жив, а врсниците што ги познавал биле убиени, исто како и членовите на неговото семејство. Сепак, тој на себе презема ризикот на поканувањето, а премиерот Вучиќ ризикот на доаѓањето. И тоа е некој почеток, и тоа доста важен“, навел Клинтон, кој на одбележувањето во Сребреница присустуваше како специјален претставник на актулениот американски претседател Барак Обама.