Илбер Хиса најсериозен кандидат за косовски претставник во Белград

Од:

Актуелниот косовски амбасадор во Македонија Илбер Хиса, е најсериозен кандидат за косовски претставник во Белград, јави дописникот на МИА.

Ова за порталот Индексонлајн го потврдиле извори од кабинетот на шефот на косовската дипломатија Енвер Хоџај.

Според истиот извор, Хоџај до премиерот Хашим Тачи ќе доставел предлог-листа со три имиња, но Хиса e  како најсигурна личност за новата и значајна функција во Белград.

Како што изјавил деновиве Хоџај, косовскиот дипломат ќе работи во посебна канцеларија за Косово или во рамки на просториите, кои ги користат меѓународните организации, односно Европската унија.

– Тоа ќе биде канцеларија за врски на Република Косово, која ќе го претставува Косово во главниот град на Србија, Белград. И Србија исто така ќе има иста канцеларија на Косово. Двете страни се согласија да побараат простории од делегациите на ЕУ, рекол Хоџај.

Илбер Хиса, за амбасадор во Македонија беше именуван на крајот од април годинава, а акредитивните писма  претседателот Иванов ги прими на 25 мај. Хиса беше владин координатор на стратегијата за северниот дел на Косово, како и поранешен потпретседател на партијата ОРА во Косово.