Хрватска загрижена за српско-руската воена вежба во близина на границата

Од:

Руската и српската војска оваа есен ќе одржат две воени вежби во Србија, пишува хрватскиот весник “Јутарњи лист“ и наведува дека тие ќе се одвиваат на само 30 километри од
границата.

Соработката на Србија и Русија предизвикува гласни протести во НАТО и Европската унија, чија членка Србија сака да стане, пишува весникот.

-Србија игра на две столици. Од една страна не сака во НАТО, а сака да стане членка на ЕУ. Но нивото на руското влијание во Србија е се поголемо и на Србија мора да и биде јасно дека така не може да стане членка на унијата, тврди соговорник за весникот од хрватските дипломатски кругови.

-Тие мораат да бидат свесни дека со вакво руско воено влијание никогаш нема да ги завршат преговорите од Поглавјето Одбрана, надворешна и безбедносна политика, додава тој.

Хрватскиот министер за одбрана Јосип Булјевиќ за весникот не сакаше да коментира за одржувањето на овие бежби, но нагласи дека Хрватска е заинтересирана за што побрз влез на Србија во унијата.

-Меѓутоа, Србија во текот на преговорите за заедничка одбранбена, надворешна и безбедносна политика ќе мора својата стратегија да ја прилагоди со заедничкото дејствување со останатите членки на Унијата, наведува Булјевиќ.

-Загрижени сме поради вежбата “Словенско братство“ која ќе се одржи во септември во Србија, рече хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ на самитот на НАТО во Варшава.

Меѓутоа, според весникот кој цитира високи воени извори во Хрватска, вели дека државата има адекватен одговор на се поголемата воена соработка на Русија и Србија и нивното приближување на хрватската граница.

Тоа се хеликоптери, панцер хаубици, борбени оклопни возила “Патриа“ и две гардиски бригади, вели изворот за весникот.

На вежбата “Словенско братство“ освен српски и руски елитни падобрански единици, ќе учествуваат и припадници на белоруската војска. Ова е трета српско-руска воена вежба. Првата беше одржана во Србија пред две години, а втората беше минатата година во Русија.

Кон крајот на септември во Србија треба да пристигне и рускиот премиер Дмитриј Медведев при што се очекува да биде потпишан договор за специјален статус на руските сили кои се стационирани во базата во Ниш.