Хрватска ќе ја легализира марихуаната за медицински цели?

Од:

Во Хрватска наскоро би можело законски да биде дозволена употребата на марихуана за медицински цели, пренесе „Јутарњи лист“.

-Откако Министерството за здравство пред неколку дена најави дека ќе овозможи одгледување на индустриско конопје, владеачката коалиција може да оди и чекор понатаму и законски да дозволи употреба на марихуана за медицински цели – пишува весникот.

Во текстот се истакнува дека во ресорното министерство е потврдено дека министерот за здравство, Синиша Варга деновиве ќе формира комисија која ќе ја предводи Агенцијата за лекови и медицински производи, за да се добие стручно мислење дали во Хрватска треба да се дозволи употребата на марихуаната и на кој начин.

Доколку комисијата се согласи треба да предложи дали ќе бидат дозволени само лекови на база на канабиноид или ќе биде дозволено одгледување на неколку стебла конопје, на луѓето за кои лекарите ќе проценат дека маслото од канабис, може да им помогне во нивните здравствени проблеми.

Пратеничката од СДП, Ингрид Античевиќ Мариновиќ вели дека на тоа прашање треба да одговорат експерти.

-Доколку тие речат дека во Хрватска треба да се легализира употребата на конопјето за медицински цели, тогаш тоа ќе го подржиме – рече таа и додаде дека тоа не значи легализација на марихуаната.

Инаку како што се наведува ниту најголемата опозициска партија ХДЗ нема да има ништо против легализација на марихуаната за медицински цели, доколку експертите предложат такво нешто. До сега во 17 држави членки на ЕУ е дозволена продажба на лекови на база на канабионид, а во некои европски држави е дозволено и луѓето со одредени дијагнози сами да одгледуваат неколку стебла од ова растение, но исклучиво за сопствени потреби.

Е.Г.