Харадинај-Стубла: Србија со албанофобичната политика не заслужува Нобелова награда

Од:

Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово Мелиза Харадинај-Стубла ја осуди одлуката на судот во Врање, јужна Србија, да покрене обвинение против претседателот на Националниот совет на Албанците во Прешевската долина, Рагми Мустафа, поради тоа што во 2019 година јавно го истакнал албанското национално знаме, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на косовското МНР, Харадинај-Стубла во реакцијата наведува дека таквите дејствија на судските органи во Србија се очигледно политички мотивирани и покажуваат дека Белград „продолжува со практиката на албанофобични политики и инситуции“.

– Вчерашното обвинение на судот во Врање (…) е спротивно на принципот на недискриминација и заштита на правата на етничките заедници. Наместо да се залага за признавање и унапредување на правата на албанската заедница, посебно сега кога имаме активен дијалог за меѓусебно признавање со меѓународно посредништво, Србија продолжува со практиката на албанофобични политики и инситуции, вели шефицата на косовската дипломатија.

Таа порача дека, со ваквото однесување, Србија не ја заслужува Нобеловата награда за мир, за која, заедно со Косово и САД, беа номинирани од шведскиот политичар Магнус Јакобсон, поради последниот договор за економска стабилизација што Приштина и Белград го потпишаа во Белата куќа во Вашингтон.

– Албанците во Прешевската долина треба да ги уживаат нивните загарантирани права, исто како што се гарантирани проширените права на Србите во Косово. Ова не е патот кон Нобеловата награда за мир, порача Харадинај-Стубла. иа/сд/