Грчките власти алармираат: Опасно невреме денеска и утре, на удар се Солун и Халкидики

Од:

Грчките власти прогласија состојба на висока готовност во 11 региони поради најавеното влошување на временските услови, кое се очекува да донесе обилни врнежи од дожд, силни грмежи, бурен ветер и локална појава на град во текот на петок и сабота.

Националната метеоролошка служба (EMY) издаде итно предупредување, по што Министерството за климатска криза и цивилна заштита го активираше националниот механизам за итни интервенции и воведе највисоко ниво на подготвеност – „Црвен код“.

Со оваа мерка, локалните и државните служби се задолжени да мобилизираат дополнителен персонал, механизација и опрема за брза реакција во случај на поплави, невреме или други последици од екстремните временски услови.

Според Комитетот за проценка на ризик, најсилниот удар на невремето во петок се очекува на островите Споради, во централниот и северниот дел на Евија, како и во крајбрежните подрачја на Лариса и Магнезија. Силни грмотевични бури се прогнозираат и за областа на Атика, вклучително и Атина, како и за делови од Централна Македонија и Централна Грција.

Под највисок степен на тревога се ставени регионите Атика, Солун, Пиерија, Иматија, Халкидики, Лариса, Магнезија, Споради, Евија, Тасос, Самотраки и Лемнос.

Метеоролозите најавуваат дека во сабота невремето постепено ќе слабее во поголемиот дел од континентална Грција, но во одделни делови на Егејското Море и натаму се можни локално интензивни врнежи, силен ветер и грмежи.

Властите ги повикаа граѓаните и туристите внимателно да ги следат официјалните предупредувања и да избегнуваат непотребни патувања и активности на отворено во регионите погодени од невремето.